Само два тима можат до тројна титула сезонава

86

Баерн ја освои двојната круна во Германија и е осминафиналист во Лигата на шампионите (ЛШ), па е на еден пехар до повторување на успехот од 2013 година, за три трофеи во една сезона. Францускиот првак ПСЖ треба да игра во финалето на Купот на Франција и е четврт-финалист во ЛШ. Досега во Европа само седум клуба успеале во иста сезона да освојат три трофеи

ФУДБАЛ

Германскиот фудбалски првак Баерн со освојувањето и на Купот на Германија остана во игра за редок успех во една сезона, три големи трофеја (европски првак, домашно првенство и национален куп). Ваков успех, тројна титула, сезонава може да постигне само уште Пари сен Жермен. Францускиот првак е на два трофеја до тој успех, а Баерн на еден.
Тимот од Минхен убедливо ја освои јубилејната 30-та титула во Германија, а потоа победи 20-ти пат во Купот на таа земја. Во Лигата на шампионите (ЛШ), Баерн стигна до осминафиналето, каде што води со 3-0 по првиот меч на гости со англискиот Челси. Уште не е одредено каде би се играл овој дуел на 5 или на 6 август (опции се Минхен, Гимараеш и Порто).

ПСЖ, пак, ја освои титулата во Франција, а треба да настапи во финалето на Купот на Франција, на 24 јули, со Сент Етјен, во Париз. ПСЖ е веќе во четврт-финалето на ЛШ, откако ја совлада Борусија Д., со вкупен резултат 3-2.
Во четврт-финалето на ЛШ досега се пласираа Аталанта, Атлетико Мадрид, ПСЖ и Лајпциг. Реванш-дуели во осминафиналето претстојат за двојките Баерн – Челси (прв меч 3-0), Манчестер сити – Реал Мадрид (2-1), Барселона – Наполи (1-1) и Јувентус – Лион (0-1). По осминафиналето, најсилното европско клупско фудбалско натпреварување треба да се доигра во Лисабон (Португалија), со мечевите од четврт-финалето, полуфиналето и финалето, како единечни елиминациски дуели (без реванши).

Од сите 12 тима што се во игра за европската титула сезонава, најмногу по два трофеја може да освојат Реал Мадрид, Барселона (играат за титулата во Шпанија, но се елиминирани во домашниот куп), Манчестер сити, Челси (не се прваци на Англија, играат во полуфиналето на ФА-купот), Наполи (го освои Купот на Италија), Јувентус (може да биде првак, но загуби во финалето на Купот на Италија) и Аталанта (теоретски може да биде првак на Италија), а по еден, и тоа пехарот во ЛШ, Лион, Лајпциг и Атлетико Мадрид.

Од 1956 година, откога се игра за европската титула, само седум клуба успеале во иста сезона да освојат три големи трофеи (европски првак, домашно првенство и национален куп). Тоа прв го стори Селтик во 1967 година, а најуспешна е Барселона со два вакви успеха. Хетрик-титули освојуваа и Ајакс (1972 година), ПСВ Ајндховен (1988), Манчестер јунајтед (1999), Интер (2010) и Баерн (2013).