Само Белгија може да влезе и во „перфектниот“ клуб

300

На претходните 20 мундијали светски прваци само со победи станале Уругвај, Италија и Бразил. Од полуфиналистите на СП 20318, Белгија досега забележа само победи, Франција има едно реми, Хрватска две нерешени, а Англија по едно реми и пораз, по 90 или по 120 минути игра (не сметајќи ги пенал-сериите)

Од утре за титулата светски фудбалски првак ќе играат Белгија, Франција, Англија и Хрватска, на Светското првенство (СП) во Русија, откако тие селекции во четврт-финалето ги победија Уругвај, Бразил, Шведска, односно Русија. Од претендентите за титулата, досега вредниот пехар го освојуваа Англија, на СП во 1966 година, и Франција, на СП 1998, во двата случаја кога тие шампионатите ги игра на домашен терен. Хрватска еднаш беше трета, во 1998 година, а најдобар пласман на Белгија ѝ е четвртото место од Мундијалот во 1986 година.

Од полуфиналистите, само Белгија со светската титула може да влезе и во еден друг елитен клуб, селекции со перфектен ефект на еден мундијал, во кој засега се само три репрезентации. Бразил двапати, а по еднаш Уругвај и Италија успеале да станат светски прваци само со победи на патот до титулите. Белгија на СП 2018 забележа три победи во групната фаза (Панама 3-0, Тунис 5-2 и Англија 1-0), а потоа во нокаут-рундата славеше уште двапати (Јапонија 3-2 во осминафиналето и Бразил 2-1 во четврт-финалето). Со две победи Белгија ќе се израмни со Бразил,Уругвај и со Италија, во оваа необична категорија.
И Франција нема пораз, но на петте дуела има едно реми, покрај четирите победи. Во групата „триколорите“ ги победија Австралија со 2-1 и Перу со 1-0, а одиграа 0-0 со Данска. Во осминафиналето, Франција ја совлада Аргентина со 4-3, а во четврт-финалето и Уругвај со 2-0. Со уште две победи Франција ќе го повтори својот ефект од титулата во 1998 година (шест победи и едно реми).

Како и Белгија, и Хрватска во групната фаза победи трипати (Нигерија 2-0, Аргентина 3-0 и Исланд 2-1), но потоа двапати победи на пенали, прво во осминафиналето (1-1 со Данска, па 3-2 на пенали), а потоа и во четврт-финалето (2-2 со Русија, 4-3 на пенали). Хрватска со две победи ќе има ист ефект како кога до титулите стигнаа во Германија во 1990 година, Бразил во 1994-та и во Италија во 2006 година.
Англија во петте меча на СП 2018 има три победи и по еден пораз и реми. Во групата, Англија ги совлада Тунис со 2-1 и Панама со 6-1, а загуби од Белгија со 0-1. Во осминафиналето Англичаните одиграа нерешено, 1-1 со Колумбија, но потоа победија на пенали со 4-3, а во четврт-финалето ја победија Шведска со 2-0. Англија со две победи ќе се израмни со Аргентина од 1978 година, која, исто така, до трофејот стигна со по едно реми и пораз.


Бразил со две нули, Уругвај и Италија со по една

Од претходните два светски фудбалски прваци, на пример, Германија на минатиот планетарен шампионат до титулата стигна со едно реми, а Шпанија во 2010 година имаше еден пораз, во 1-то коло.
Првите три мундијали завршуваа со неприкосновена доминација на прваците. Уругвајците и Италијанците на првенствата играни на домашен терен победија во сите четири средби до пехарот, но Италија во 1934 година во четврт-финалето со Шпанија победи дури во повторениот меч, откако првиот, по 120 минути игра, заврши нерешено, 1-1. Сепак, Италија на следното СП, во 1938 година, не дозволи никаков кикс и славеше со четири чисти победи. Следните две победнички титули ги освои Бразил, во 1970 и во 2002 година. Првиот пат со шест победи и гол-разлика 19-7, а вториот пат со седум триумфа (18-4).
Од другите светски прваци, со по едно реми до титулата стигнуваа Уругвај во 1950 (одигра 2-2 со Шпанија), Бразил во 1958 (0-0 со Англија, првиот меч без голови во историјата на светските првенства) и во 1962 (0-0 со ЧССР), Англија во 1966 (0-0 со Уругвај), Аргентина во 1986 (1-1 со Италија) и Франција во 1998 година (0-0 со Италија, во четврт-финалето, па победа на пенали со 4-3).
По еден пораз на патот кон пехарот имаше Германија, и тоа двапати, во 1954 од Унгарија, со 3-8, и во 1974 година од ДДР, со 0-1, како и Шпанија на СП 2010 (Швајцарија 0-1).
Пет пати на патот до титулите шампионите имаа повеќе од еден меч да не бил победа по 90 или по 120 минути игра. Така прваци станаа Аргентина во 1978 година (0-1 со Италија и 0-0 со Бразил), Италија во 1982 (0-0 со Полска и по 1-1 со Камерун и со Перу, сите во групната фаза), Германија во 1990-та (1-1 со Колумбија и 1-1 со Италија во полуфиналето, па победа на пенали со 4-3), Бразил во 1994-та (1-1 со Шведска и 0-0 со Италија во финалето, па победа на пенали со 3-2) и Италија во 2006-та (1-1 со САД и 1-1 со Франција во финалето, па победа на пенали).