Само Англија и Шпанија останаа во игра со сите сили

35
Ливерпул продолжува со одбрана на титулата

По седум тима од Англија и од Шпанија сезонава почнаа да играат во двата европски купа и сите ја поминаа групната фаза и се во трка за трофеите во Лигата на шампионите и во Лига Европа

По завршувањето на групната фаза во двете европски клупски фудбалски натпреварувања во трка за двата трофеја останаа тимови од 19 земји, од тоа 14 што ќе играат в година на Европското првенство и три што ќе настапат во плејофот на Лигата на нациите. Од најсилните пет лиги, само Франција нема претставник во Лига Европа (ЛЕ), а сите пет (уште и Англија, Германија, Шпанија и Италија) се застапени во Лигата на шампионите (ЛШ).

Вкупно, во двата европски купа најмногу екипи ќе има од Англија и од Шпанија, по седум (по четири во ЛШ и по три во ЛЕ). Тоа се единствените две земји што немаат елиминиран тим по групната фаза сезонава. Така, од Англија во трка се Ливерпул, Манчестер сити, Тотенхем и Челси во ЛШ, како и Манчестер јунајтед, Арсенал и Вулверхемптон во ЛЕ. Од Шпанија тоа се Реал Мадрид, Барселона, Валенсија и Атлетико Мадрид во ЛШ, а Гетафе, Севилја и Еспањол во ЛЕ.

Според бројноста, потоа следуваат Германија со шест екипи (по три во двата купа), Италија со пет (три во ЛШ, два во ЛЕ) итн. Во ЛШ од Германија во следната фаза не се пласира Баер, од Италија во осминафиналето не се најде Интер, а по еден помалку од почетните три тима во осминафиналето ќе има од Франција, откако не се пласира Лил. Меѓу 16-те тима, во осминафиналето на ЛШ има седум претходни шампиони, вклучувајќи го и актуелниот, Ливерпул, кој има вкупно шест континентални титули. Други осминафиналисти со европска титула се Реал Мадрид (13), Баерн, Барселона (по пет), Јувентус (две), Борусија Дортмунд и Челси (по една). Овие седум клуба досега освоија вкупно 33 европски титули. Од другите, меѓу 16-те најдобри сезонава, во финале на ЛШ играле Атлетико Мадрид (трипати), Валенсија (двапати) и Тотнем (еднаш).

Во ЛЕ во следната фаза најмногу тимови ќе има од Португалија, четири, по три се од Германија, Шпанија и од Англија, а по две од Италија, Холандија, Шкотска, Австрија и од Белгија. По еден претставник ќе имаат Украина, Шведска, Швајцарија, Турција, Кипар, Данска, Романија, Бугарија и Грција.

Полудиригираната ждрепка за следната фаза во двата купа е закажана за понеделник (меѓу себе нема да играат победниците во групи и тимови од иста група или земја).


ЛИГА ЕВРОПА
НОСИТЕЛИ: Ајакс (Холандија), Салцбург (Австрија), Интер (Италија), Бенфика (Португалија), Арсенал (Англија), Манчестер јунајтед (Англија), Севилја (Шпанија), Еспањол (Шпанија), Малме (Шведска), Базел (Швајцарија), ЛАСК (Австрија), Селтик (Шкотска), Порто (Португалија), Гент (Белгија), Башакшехир (Турција), Брага (Португалија).
НЕНОСИТЕЛИ: Баер (Германија), Бриж (Белгија), Олимпијакос (Грција), Шахтар (Украина), Ајнтрахт (Германија), Волфсбург (Германија), Гетафе (Шпанија), Рома (Италија), Вулверхемптон (Англија), АПОЕЛ (Кипар), Копенхаген (Данска), Спортинг (Португалија), Клуж (Романија), Глазгов ренџерс (Шкотска), Лудогорец (Бугарија), АЗ (Холандија).


ПРЕТСТАВНИЦИ ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО
ЗЕМЈА ЛШ ЛЕ ВКУПНО
Англија 4 3 7
Шпанија 4 3 7
Германија 3 3 6
Италија 3 2 5
Португалија 0 4 4
Франција 2 0 2
Холандија 0 2 2
Шкотска 0 2 2
Австрија 0 2 2
Белгија 0 2 2
Украина 0 1 1
Шведска 0 1 1
Швајцарија 0 1 1
Турција 0 1 1
Кипар 0 1 1
Данска 0 1 1
Романија 0 1 1
Бугарија 0 1 1
Грција 0 1 1