Самодовербата е најсилна одлика на словенечките фудбалери

94
Словенечката фудбалска репрезентација на еден од последните тренинзи

Пред нас се два значајни меча, ако ги добиеме тогаш веќе 70 отсто сме се пласирале на ЕП. Македонија игра добро, има многу добар тим, можеби најдобар во последните 10 години, дециден е капитенот на Словенците Бојан Јокиќ

Словенечката фудбалска репрезентација засилено се подготвува за натпреварот против Македонија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020 година, што е закажан за утре (20.45 ч.) на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. И за избраниците на селекторот на Словенците Матјаж Кек, ова е мошне значаен меч (како и оној в недела во Љубљана против Полска), во настојувањето да се задржат на втората позиција, на која се моментално во групата Г со 11 бода од шест натпревари. Во словенечкиот табор се решени да продолжи позитивниот тренд на резултати, односно да не се прекине низата од три победи што, пак, ќе ги донесе многу поблиску до настап на ЕП. По одбојката, велосипедизмот, очигледно и фудбалот повторно добива нова еуфорија во Словенија.

Словенија во овие квалификации досега славеше на гости кај Летонија (5-0) и Полска (2-0), додека пред своите навивачи минимално беше совладан Израел (3-2). Заостанува два бода зад водечката Полска, а има еден повеќе од Австрија, односно три од Македонија и од Израел. Засега во групата е отпишана Летонија, која е без бодови.

Словенечкиот селекторот Кек, како и македонскиот Игор Ангеловски, има проблеми со повредени играчи. Така, според последните информации, тој веќе не може да смета на Домен Чрнигој и Лука Заховиќ, па во составот се повикани младиот фудбалер од средниот Адам Гнезда Черин, како и Ерик Јанша од полски Горник.

Засега нема големи проблеми во тимот на левата бековска линија, каде што за тоа место конкурираат Јуре Балковец и капитенот Бојан Јокиќ, иако вториот има мали тешкотии со тетивата, но се надева дека ќе истрча на теренот во Скопје.

– Самодовербата во репрезентацијата е на врвот. Одигравме многу добри натпревари во Стожице во септември и тоа мора да претставува патот што нѐ води напред. Пред нас се два значајни меча, како некој вид дополнителни квалификации, оти ако ги добиеме овие две средби, тогаш веќе 70 отсто сме се пласирале на ЕП. Македонија игра добро, има многу добар тим, можеби најдобар во последните 10 години – дециден е капитенот на Словенците Јокиќ, кој за репрезентацијата игра од 2006 година и во Скопје ќе настапи по јубилејни 100-ти пат, односно моментално заостанува само два меча од пензионираниот играч од средниот ред Боштјан Цесар (101).

Полн со самодоверба е и Балковец, кој играше одлично во септември како за репрезентацијата така и за својот клуб Емполи.

– Нашата самодоверба е на високо ниво и се надевам дека можеме да ја пренесеме таа позитивна енергија на претстојните два многу значајни дуела. Но точно е и тоа дека сѐ уште не е ништо готово, имаме уште четири средби за да покажеме дали сакаме да одиме на ЕП. Во секој случај нѐ очекува жешко гостување, но истовремено сме свесни за својот квалитет и ќе победиме – оптимист е Балковец, кој многумина добри познавачи на фудбалот во Словенија го сметаа како вистински наследник на капитенот на левата бековска линија.

Во Скопје се очекува Словенија да биде бодрена и од над 1.000 свои навивачи, кои, секако, ќе бидат дополнителен мотив на теренот. Цените на билетите за овој натпревар се движат од 50 до 200 денари. Билет од 50 денари ќе се продава за западната трибина, додека 150 и 200 денари на јужната и северната трибина.
Како што е познато, првиот меч помеѓу Словенија и Македонија одигран во Стожице заврши нерешено 1-1. Поведе домаќинот преку Миха Зајц, а израмни Енис Барди.
На ЕП 2020 ќе играат 24 репрезентации и тоа по две најдобри од секоја од десетте квалификациски групи, како и четирите победници на фајналфор-турнирите во Лигата на нациите идната година. Јубилејното првенство ќе се игра во 12 земји (полуфиналиња и финале во Лондон, на стадионот „Вембли“). 


Отпадна и Велковски?

Македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, најверојатно, нема да биде дел од двата претстојни дуела со Словенија и со Полска, откако на првиот тренинг во понеделникот ја повредил задната ложа. Неофицијално станува збор за бутно истегнување. Ако не настапи, тој ќе биде третиот фудбалер што нема да игра на овој меч, по повредите на Дарко Велковски и на Енис Барди.