Сакам сите да се гордеат со Лидс

123

Кога дојдов во клубот, си дадов рок од три години да го испорачам тоа и мојата визија останува иста. Тоа е враќање на клубот на вистинското место во Премиер-лигата. Имаме сѐ што е потребно да го сториме тоа, тренер од светска класа, одлични фудбалери и неверојатни навивачи, вели во интервјуто за новиот магазин на ФИФА, Радрицани, сопственик на Лидс

АНДРЕА РАДРИЦАНИ

Сакам да му помогнам на Лидс да се врати на нивото какво што го заслужуваат клупската историја и навивачите. Кога дојдов во клубот, си дадов рок од три години да го испорачам тоа и мојата визија останува иста. Тоа е враќање на клубот на вистинското место во Премиер-лигата, a нашите навивачи, фудбалери и персонал да се гордеат со својот фудбалски тим. Имаме сѐ што е потребно да го сториме тоа, тренер од светска класа, одлични играчи и неверојатни навивачи, вели во интервјуто за новиот магазин на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Италијанецот Андреа Радрицани (46), сопственик на Лидс.
Тој е во Лидс од 2017 година.

– Првично ги разгледував Италија, Франција и Шпанија, со идеја да преземам клуб во средината на табелата, со играчи што имаат потенцијал да напредуваат и да се развиваат. Но при една случајна средба со Кени Далглиш, тој ми кажа за Лидс и за тоа дека клубот е подготвен за враќање на славните патеки. Зборувајќи со луѓето за клубот и посетата на „Торп Арч“, тренинг-центарот на Лидс, сфатив дека клубот има богато наследство и голем потенцијал да напредува, па решив да се вклучам. Сакаме да играме одличен фудбал, тоа и го правиме, но, исто така, максимално сме борбени кога ќе излеземе на теренот. Сите наши фудбалери се подготвени да се борат максимално за дресот на секој натпревар, а да се има таков карактер е многу важно за играч на Лидс – вели Радрицани.

Како модел на одржлив раст што тој сака да го постигне во Лидс, Радрицани го наведува Брајтон.
– Во текот на следните пет години ќе продолжиме да градиме клуб и инфраструктура способна да биде успешна во најконкурентната лига во светот. Како модел, гледам во клубови како Брајтон и успехот што го постигнале постепено, со одржлив буџет. Сакам да имаме сличен пристап. Кога ќе ја надминеме пандемијата, верувам дека ќе бидеме во добра позиција, како во непосредна иднина, така и на подолг рок – вели Радрицани.
За Лидс настапува македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски, кој сезонава одигра 33 натпревари во дивизијата Чемпионшип и два во ФА-купот, постигна пет гола и забележа четири асистенции. 


Трипати првак на Англија, европски вицешампион од 1975 година

Лидс, кој е формиран во 1919 година, трипати бил фудбалски првак на Англија (во 1969, 1974 и во 1992 година) и по еднаш победник на ФА-купот (1972) и на Лига-купот на Англија (1968). Клубот има и два трофеја од Суперкупот на Англија (1969 и 1992 година). На меѓународната сцена Лидс е европски вицешампион од 1975 година (беше и полуфиналист во најсилното европско клупско натпреварување во 1970 и во 2001 година), играше и во финалето на некогашниот Куп на куп-победниците, во 1973 година, а има и два трофеја од некогашниот Куп на саемски градови (1968 и 1971 година).