Русија одлично го организира најголемото шоу на Земјата

182

Мислам дека Русија навистина постави нови, високи стандарди. Ова е одличен настан. Мислам дека треба да измислиме нови зборови за да го опишеме ова СП, кое е навистина фантастично, изјави за ТАСС, Џани Инфантино, претседателот на ФИФА

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, во ексклузивното интервју со првиот заменик-генерален директор на новинската агенција ТАСС, Михаил Гусман, ја пофали Русија за „фантастичната“ организација на Светското првенство (СП).
– Јас сум повеќе од среќен. Мислам дека треба да измислиме нови зборови за да го опишеме ова СП, кое е навистина фантастично. Сѐ е одлично, атмосферата е неверојатна, луѓето се неверојатни, натпреварите се одлични. Ова е одличен настан, најголемото шоу на Земјата. Мислам дека Русија навистина постави нови, високи стандарди. Луѓето, 17.000 волонтери, но и сите што се на улиците, во рестораните и во кафулињата, полицајците, мажите и жените во Русија, се насмеани – вели Инфантино.

Инфантино потврдува дека без помошта на руската влада и на претседателот Владимир Путин ова СП немаше да биде толку гламурозно и одлично организирано.
– Таа помош беше клучна за успехот на СП. Никогаш не сум бил сведок на толку голема посветеност, од врвот до дното на скалилото. Знаете, на СП вкупно ќе присуствуваат три милиони луѓе, а 98 отсто од стадионите се полни. Ова е можно само ако секој детаљ се сработи како што треба. Не станува збор само за организирање натпревар на стадионот, треба да се мисли на многу работи, каде и да е, на аеродромите, на железничките станици, во градовите, низ целата земја. Сѐ беше импресивно. Мислев дека ја знам Русија, но реалноста ги надмина сите мои очекувања, не само за фудбалот, туку и за богатството на оваа земја во однос на културата, наследството, историјата – изјави, меѓу другото, Инфантино.

ФИФА потврди дека воопшто не е изненадена од големото гостопримство во Русија и од првокласната организација на СП.
– Имав можност од прва рака да се уверам во гостопримството, во сместувачките капацитети, страста и во ентузијазмот на домаќинот Русија – изјави Колин Смит, еден од високите оперативци на ФИФА.
Тој, исто така, ја пофали големата посетеност во т.н. навивачки зони, кои и во Русија функционираат според концептот на ФИФА, за „Фестивал на забавата“.
– Тие зони функционираат многу добро. Ги гледаме сликите, снимките како пет милиони луѓе уживаат таму. Оттаму можеме да заклучиме дека тој концепт продолжува да функционира добро и да обезбедува фокусна точка за сите градови и за сите навивачи заедно – вели Смит.

Според официјалната статистика на ФИФА, вкупниот број навивачи на сите стадиони за време на 48 натпревари од групната фаза изнесувал 2.178.894 или во просек 45.394 по натпревар.
Пофални зборови за организацијата на СП, имаше и шведскиот дефанзивец Андреас Гранквист, светските медиуми ја цитираа и португалската ѕвезда Кристијано Роналдо и други.
– Сѐ во Русија е одлично, не претерувам, сите стадиони се совршени, имавме суперуслови за подготовки и за играње фудбал. Многу време бев во оваа земја, знам добро за што зборувам – изјави Гранквист (33), кој настапуваше во Краснодар од август 2013 до јануари 2018 година. 


Катар собира организациско искуство во Москва

Локацијата на навивачките зони во Доха ќе треба да биде сменета, откако набљудувачите од Организацискиот комитет (ОК) на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година ги следеле навивачките движења за време на СП во Русија.
– Тоа што го видовме во Москва, во која има два стадиона, е дека еден град може брзо да биде преплавен со голема маса луѓе. Затоа тоа треба да го имаме предвид – рече за шпанскиот весник „Марка“ Насер ал Катер, заменик-шеф на ОК.
Според планот, четири стадиони за СП 2022 треба да бидат во Доха. Катарскиот ОК имал околу 100 луѓе во Русија што го надгледувале СП, кои изјавија дека се импресионирани од беспрекорната организација.
– Тие ќе ни ја постават летвичката високо – вели Ал Катер.
Од ОК велат дека ја разгледуваат опцијата и за СП 2022 да има навивачки легитимации.