Роналдо ќе плати 19 милиони евра казна за неплатен данок

85

Кристијано Роналдо, новиот фудбалер на Јувентус, ќе мора да плати голема парична казна за даночно затајување. Тој се договори со шпанските даночни власти и, наместо две години во затвор, ќе плати казна од 19 милиони евра.
Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид се изјасни за виновен по четирите обвиненија за затајување данок помеѓу 2011 и 2014 година во Шпанија, во вкупна вредност од 14,7 милиони евра.

Првично Роналдо и неговата менаџерска компанија „Гестифуте“ ги отфрлаа обвинувањата и воопшто не сакаа да зборуваат за тоа. Откако беа објавени извештаите дека шпанската влада ја отфрлила првичната понуда за решавање на случајот, Кристијано напиша на Инстаграм: „Не обидувајте се со лажни вести да го расипете прекрасниот момент во кој живеам“.

Затворската казна нема да се применува, но, според шпанскиот закон, ако Португалецот повторно го прекрши законот за времетраењето на казната, тогаш ќе заврши во затвор.

Обвиненијата спрема Роналдо се речиси идентични со оние спрема Лионел Меси од Барселона. Меси и неговиот татко Хорхе беа осудени на 21 и на 15 месеци затвор за даночна измама, за неплатени околу 4,1 милиони евра. Но наместо во затвор, тие си платија парични казни.

Покрај Роналдо и Меси, на тапет на шпанските даночни власти последниве години беа Алексис Санчез и Хавиер Маскерано.