Роналдо се доближува до Левандовски

65

Напаѓачот на Јувентус постигна нови два гола, од продолжението на сезоната вкупно шест гола и сега има 28, а на листата најдобри стрелци сезонава води Левандовски со 34 гола. Сезоната во Германија заврши, а во Италија има уште шест кола

ФУДБАЛ – ТРКА ЗА „ЗЛАТНАТА КОПАЧКА“ НА ЕВРОПА

Кристијано Роналдо се доближи на шест гола до Роберт Левандовски, на шест кола до крајот на сезоната во фудбалската Серија А, во трката за „златната копачка“ на Европа за сезонава. Португалецот постигна нови два гола, во ремито дома на Јувентус со Аталанта, 2-2, во 32. коло на италијанското првенство, со што Роналдо сега има 28 гола.
На ранг-листата за „златната копачка“ води Полјакот Левандовски, но тој ја заврши сезоната во германската Бундес-лига, со 34 погодоци во дресот на шампионот Баерн.
Од продолжувањето на сезоната во Италија, која околу три месеца беше запрена поради пандемијата на коронавирусот, Роналдо постигна шест гола, на шест меча.

Роналдо досега четири пати беше најдобар стрелец во Европа, во сезоните 2007/2008, 2010/2011, 2013/2014 (заедно со Луис Суарез од Барселона) и во сезоната 2014/2015, сите во дресот на шпанскиот Реал Мадрид. Во минатите три сезони најдобар стрелец на Стариот Континент беше Аргентинецот Лионел Меси (вкупно има шест „златни копачки“) од Барселона, кој моментно е на делба на седмото место со Англичанецот Џејми Варди од Лестер, со по 22 гола. Во Шпанија останаа да се доиграат уште две кола, а во Англија Варди има уште четири меча.