Роналдо: Покажавме менталитет потребен за да се освои ЛШ

200

Маестралниот Роналдо постигна три гола на мечот Јувентус – Атлетико (3-0) што значеше и пласман за „старата дама“ во четврт-финалето во ЛШ. Атлетико, чии играчи не шутнаа ниту еднаш во голот, е четвртиот тим во ЛШ што не ја искористи предноста од 2-0 по првиот меч дома

Јувентус е меѓу осумте најдобри тимови во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава откако во реваншот од осминафиналето во Торино го совлада Атлетико Мадрид со 3-0, најмногу благодарение на маестралниот Кристијано Роналдо, стрелецот на трите гола, во 27-та, 49-та и во 86-та минута од пенал. Првпат по 13 години, „старата дама“ успеа да помине една нокаут-фаза откако го загуби првиот меч.
Роналдо (34) веќе има освоено пет титули европски првак, четири со Реал Мадрид (2014, 2016, 2017 и 2018) и една со Манчестер јунајтед (2008), само една помалку од најтрофејниот, легендата на Реал, Франциско Хенто од 1956 до 1960 и во 1966 година. Роналдо, докажаниот победник, е тој што би требало доминацијата на Јувентус во италијанската Серија А и седумте последователни титули, да ги прошири и на европски план.

Со последните три гола, односно осмиот хет-трик (четири во нокаут-фазата) колку што има и Лионел Меси, Роналдо стигна до бројката од 124 гола, рекорд во ЛШ, 18 повеќе од Меси.

– Ова беше причината зошто Јувентус ме ангажира, за да помогнам во нешто што никогаш порано не го направиле. Тоа требаше да биде посебна ноќ, така и беше, не само за мене, за головите, туку и за ставот што го покажавме. Тоа е вид менталитет што е потребен за да се освои Лигата на шампионите – изјави Роналдо, кој постигна 18 гола на последните 14 нокаут-меча во ЛШ, односно бил инволвиран при постигнувањето на 76 гола на 77 такви натпревари (62 погодока и 14 асистенции).

Роналдо одигра уште неколку слични легендарни мечеви во ЛШ што заслужуваат да се споменат. Во сезоната 2015/2016, во четврт-финалето, Реал загуби на гости од Волфсбург со 0-2, но во реваншот победи со 3-0, со два гола на Роналдо. Следната сезона во првиот четврт-финален меч Реал го совлада Баерн во Минхен со 2-1. Но во реваншот Баерн возврати со идентични 2-1, по што мечот отиде во продолженија во кои Реал излезе како победник, со 4-2 или вкупни 6-3. Пет од шесте гола за Реал на двата меча ги постигна Роналдо.

Во следниот прв полуфинален дуел против Атлетико, Роналдо беше стрелец на трите гола (3-0) што се покажа како доволно за пласман во финалето по поразот во реваншот со 1-2. Фантастичната серија таа сезона Роналдо ја продолжи и во финалето во Кардиф, против Јувентус (4-1) кога постигна два гола. И во ланското четврт-финале, на првиот меч постигна два гола против Јувентус во Торино (беше 3-0), од кои за издвојување е голот со ножички за што беше награден со аплаузи од навивачите на Јуве.

Атлетико, пак, е четвртиот тим во историјата на ЛШ што не ја искористи предноста од 2-0 по првиот меч дома, со што ја загуби и шансата да игра во финалето на својот стадион „Метрополитано“, на 1 јуни. Играчите на мадридскиот тим првпат по декември 2008-та и мечот против Марсеј не упатија ниту еден удар во противничкиот гол.


Манчестер с. стигна на еден гол до рекорд

Манчестер сиги си обезбеди место меѓу најдобрите осум тима во ЛШ со триумфот над Шалке со 7-0, најубедлив во клупската историја во европските натпревари. Најубедливи победи во историјата на ЛШ, со по 8-0 имаат забележано Ливерпул над Бешикташ (сезона 2007/2008) и Реал над Малме (2015/2016). Победи со по 7-0 имаат Ливерпул над Спартак Москва и над Марибор, Барселона над Селтик, Јувентус над Олимпијакос, Арсенал над Славија Прага, Валенсија над Генк, Баерн против Базел и против Шахтар, Марсеј против Жилина и Шахтар со БАТЕ Борисов.