Роналдо и Меси имаат уште многу рекорди за соборување

145

Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус и Аргентинецот Лионел Меси од Барселона се тркаат во соборување рекорди, но и двајцата имаат уште за надминување во Лигата на шампионите (ЛШ), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Така, тие се тркаат и за рекордите што се во сопственост на Алфредо ди Стефано, Ференц Пушкаш, Кларенс Сидорф, Златан Ибрахимовиќ, Рој Макај, Паоло Малдини, Рајан Гигс итн.

Се чини најтешко достижно ќе биде соборувањето на рекордот на Герд Милер. Германскиот центарфор постигна 34 гола на 35 меча во тогашниот Куп на шампионите (сега ЛШ), што е просек од 0,97 гола по натпревар (во 70-тите години на минатиот век). Во оваа категорија просекот на Меси е 0,82 (108 гола на 131 натпревар), а на Роналдо 0,76 (125 гола на 164 меча). Така, за да го стигне Милер на Меси му требаат 10 хет-трика на следните 10 меча, а на Роналдо на следните 17.
Од другите рекорди, Ди Стефано и Пушкаш имаат по седум гола во финалињата, Роналдо засега четири, а Меси два. Ди Стефано ги тресеше мрежите во пет финалиња, сите за Реал Мадрид (1956, 1957, 1958. 1959 и 1960), Роналдо постигна во три (за Манчестер јунајтед во 2008 и за Реал во 2014 и во 2017), Меси во два (Барселона). Пушкаш, пак, постигна рекордни четири гола во едно финале, во триумфот на Реал во 1960 година, а во таков еден меч за титулата, Меси има најмногу еден гол, а Роналдо два (во финалето во 2017 година).

Напаѓачот на Јувентус сезонава може да се израмни со Сидорф според освоени титули со различни клубови. Холанѓанецот своите четири трофеи ги освои со три клуба, и тоа со Ајакс во 1995 година, со Реал во 1998-ма и со Милан во 2003 и во 2007 година. Роналдо славеше во дресовите на Манчестер јунајтед и на Реал, а Меси само со Барселона.

Роналдо и Меси се во трка и за достигнувањето на голманот Икер Касилјас, кој го зголемува рекордот и досега има 179 настапи во ЛШ, за Реал и за Порто. Во оваа категорија Португалецот има 168, а Аргентинецот 135 настапи во елитното натпреварување. Швеѓанецот Ибрахимовиќ, пак, постигнуваше голови во ЛШ за најмногу тимови, шест (Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан и ПСЖ). Роналдо засега за три, а Меси за еден.

За достигнување остануваат и брзинските рекорди. Холанѓанецот Макај постигна гол за 10,12 секунди на мечот Баерн – Реал во 2007 година, а Италијанецот Малдини со погодокот по 53 секунди е најбрзиот стрелец во финале, на дуелот Милан – Ливерпул во 2005 година. Најбрзиот гол на Роналдо е во 4. минута од „обичен“ меч во ЛШ, односно 20. минута во финале, а Меси погодуваше во третата, односно во второ полувреме во финале. Велшанецот Гигс, пак, постигна голови во 16 сезони во ЛШ, а Меси и Роналдо досега во по 14.