Репрезентацијата ќе се собере на 3 септември на Гибралтар

118

Во првиот меч во Лигата на нациите, Македонија му гостува на Гибралтар, на 6 септември, а три дена подоцна во Скопје ја пречекува Ерменија. Селекторот Ангеловски најавува дека ќе бидат повикани главно истите фудбалери што настапуваа во квалификациите за СП 2018

Во септември почнуваат натпреварите во новоформирана Лига на нации (ЛН) во фудбал, во која Македонија е во најслаборангираната т.н. Лига Д, група 4, заедно со репрезентациите на Гибралтар, Ерменија и на Лихтенштајн. Во првиот меч Македонија му гостува на Гибралтар, на 6 септември, а три дена подоцна во Скопје ја пречекува Ерменија. До тие два дуела има релативно доста време, но селекторот Игор Ангеловски уште отсега размислува за новите предизвици.

– Собирот на репрезентативците ќе биде на 3 септември на Гибралтар, на три дена пред премиерниот меч во новото натпреварување. Се надевам дека сите повикани фудбалери, а тоа ќе бидат главно истите оние што настапуваа во минатиот квалификациски циклус за Светското првенство во Русија, ќе бидат здрави, пред сѐ, и во добра форма, ако за такво нешто може да стане збор по летната пауза и во почетокот од шампионатите каде што настапуваат. Добра околност е што тие добро се познаваат меѓу себе, подолго време играат заедно, притоа забележавме добри резултати и нема да ни треба многу време за некакво уигрување и запознавање – вели Ангеловски.

Реномето и резултатите на противниците на Македонија во групата се такви што даваат надежи дека може да се освои првото место во групата, што води во фајналфорот (ќе играат победниците на четирите групи), кој, пак, е предвиден за март 2020 година и од каде што победникот од лигата Д ќе се пласира на Европското првенство во 2020 година. Згора, победниците на секоја од четирите групи во Лигата Д во следното издание на Лигата на нациите ќе играат во Лигата Ц.


Ангеловски: Најсериозно ги сфаќаме ривалите

Имаме податоци, снимки од настапите на сите наши противници, ги знаеме нивните можности и квалитети. Против Лихтенштајн игравме во минатите квалификации за СП, добро се познаваме. Не мислам дека сме некакви фаворити, но факт е дека сме поквалитетни од трите репрезентации, не треба тоа да се крие, очекувам освојување на првото место во групата. Но тоа не значи дека, ете, ќе биде лесно. Напротив, најсериозно ги сфаќаме ривалите, ќе се подготвиме најдобро што можеме и верувам дека со победа во првиот меч ќе ја почнеме оваа кампања. Иако ќе имаме повеќемесечна пауза од последните контролни мечеви против Финска и против Азербејџан, сметам дека тоа нема да биде хендикеп за нас и оти ни претстојат успешни репрезентативни настапи наесен – истакнува селекторот Игор Ангеловски.


„Франција покажа како се игра на резултат“

За мене Хрватска е светски првак, поради посветеноста, огромната желба за победа и бескомпромисната игра на Светското првенство во Русија. Од друга страна, немам забелешки за Франција, која покажа како се игра на резултат, како треба да се игра на ваков турнир каде што резултатот, а не играта е во преден план. Да не се залажуваме, вака се играло и на други завршни турнири, како на СП, така и на ЕП, каде што е најбитно да се победи, а не да се одигра убаво за око. Во глобала, СП 2018 не донесе некои поголеми иновации, можеби мало изненадување се многуте голови по прекините, од слободните удари и од корнерите, но и тоа е очекувано кога се игра тврдо и кога се затворени сите приоди кон голот. Што се однесува до системот ВАР, го оценувам позитивно, со него сега нема шанси за некои кардинални судиски грешки што би влијаеле на конечниот резултат. Но сметам дека има уште простор за негова надградба, бидејќи уште се провлекуваат некои ситни грешки, како на пример, непостојниот прекршок над Антоан Гризман во финалето што му претходеше на првиот гол на Франција, вели Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација.