Рекорди на Реал, Роналдо, Мурињо…

165

Роналдо е првиот со 100 победи во ЛШ, Реал 23-ти пат е осминафиналист, а Мурињо по 14-ти пат е во нокаут-фазата, без ниту еден кикс. Од другите Левандовски со 51 гол стана шести стрелец во ЛШ, Ајакс го прекина 12-годишниот пост, Манџукиќ погодува седма сезона по ред…

Реал Мадрид, Јувентус, Баерн, Рома, Ајакс и двата тима од Манчестер, Сити и Јунајтед на едно коло до крајот од групната фаза сезонава, обезбедија пласман во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ).
Бранителот на титулата, и најуспешниот со 13 титули, Реал рекорден 23-ти пат, а 22-ри во низа, е во завршницата. Ајакс, пак, ѝ стави крај на неуспешната серија и првпат по сезоната 2005/2006 е во осминафиналето. Во овие набројувања место заслужува и менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, кој 14-ти пат (без ниту едно потфрлување) успешно ја минува групната фаза во ЛШ со тимовите што ги предводел – Порто, Челси, Интер, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

– Досега ниту еден мој тим не запрел во групната фаза во ЛШ. Во сезоната во која не бев во ЛШ, триумфирав во Лига Европа (ЛЕ), со Манчестер јунајтед. Тоа е вредно за спомнување, нели – се пофали Мурињо.

Јувентус ја совлада Валенсија со 1-0 со голот на Хрватот Марио Манџукиќ, кој постигнува барем еден гол во седмата сезона во ЛШ или вкупно 21. Кристијано Роналдо, кој му асистираше на Манџукиќ, влезе во аналите во ЛШ како прв фудбалер со 100 победи (на 157 натпревари) настапувајќи за Манчестер јунајтед, Реал и за Јувентус. На дебито во ЛШ, во октомври 2003 година, тимот на Роналдо, Манчестер загуби, од Штутгарт, со 1-2, но веќе во вториот, против Ренџерс (1-0) почна победоносната серија.

Покрај ова постигнување, Роналдо е и најефикасниот во ЛШ со 121 погодок, а во една сезона, во 2013/2014, постигна рекордни 17 гола. Со 157-те настапи тој е на второто место зад рекордерот, голманот на Реал и на Порто, Шпанецот Икер Касилјас, кој настапи на 167 натпревари.

Во постигнувањата во вторничката вечер, се вброи и Полјакот Роберт Левандовски, напаѓачот на Баерн, кој го постигна 50-от (потоа и 51-от) гол на 77 натпревари во ЛШ. Со тоа тој е на шестата позиција на листата на најефикасни, надминувајќи го Тиери Анри (50 гола). Поефикасни од Левандовски се Руд ван Нистелрој (56 гола), Карим Бензема (59), Раул (71), Лионел Меси (105) и Роналдо (121 гол). 


Елмас, Ристовски и Николов се на една победа до следната фаза

Откако во минатото коло Динамо Загреб на Аријан Адеми и Арсенал на Дејан Илиев обезбедија пласман во 1/16-финалето на фудбалската Лига Европа, вечерва од клубовите со македонски интернационалци тоа ќе се обидат да го направат Фенербахче на Елиф Елмас, Спортинг на Стефан Ристовски и Види на Бобан Николов. По четири кола шанси за пласман понатаму нема АЕК на Иван Тричковски и на Даниел Мојсов.
Во петто коло Фенербахче игра дома со Динамо Загреб и за пласман во нокаут-фазата му треба победа, како и на Спортинг, кој гостува кај Карабах. И Фенербахче и Спортинг можат да играат напролет и со реми во ова коло, но само ако и во другите мечеви од нивните групи резултатите бидат нерешени. Три бода за сигурен пласман му треба и на Види, на гостувањето кај БАТЕ.
Во 1/6-финалето ќе се пласираат по две најдобри екипи од 12-те групи, како и осумте третопласирани од Лигата на шампионите (по пет кола сигурни се само Бенфика и Валенсија).