Рекордите на скромниот Агуеро зборуваат сами за себе

105
Серхио Агуеро

Аргентинецот стана најефикасниот странски играч во англиската Премиер-лига, со 180 гола, и фудбалер со најмногу хет-трика во Англија, но англиските фудбалски коментатори, сумирајќи ги постигнувањата, велат дека тој не е адекватно вреднуван и доволно респектиран како еден од најдобрите стрелци, не само во Англија туку во светот

Напаѓачот на Манчестер сити, Аргентинецот Серхио Агуеро (31), си обезбеди почесно место во историјата на англиската фудбалска Премиер-лига. На мечот против Астон вила (6-1) тој постигна хет-трик, со што стигна до бројката од 177 гола (на 225 меча), рекордни за странски играч во Премиер-лига. На следните два меча, против Кристал палас (2-2) и против Шефилд (1-0), тој постигна уште три и сега има вкупно 180 гола.

Повеќето од головите Агуеро ги постигна со десната нога, 34 со левата, 18 со глава и 26 од пенал. Агуеро го надмина поранешниот напаѓач на Арсенал, Французинот Тиери Анри, кој до неодамна беше рекордер, со 175 погодока (на 258 натпревари). На дуелот против Астон вила, Агуеро го постигна и рекордниот 12-ти хет-трик во Премиер-лигата, сега има еден повеќе од Алан Ширер, остварени пред повеќе од две децении.

Агуеро сега е на четвртата позиција според бројот на постигнати голови во Премиер-лигата. Рекордот го држи Ширер со 260 гола, постигнати за три клуба, Саутемптон, Блекбурн и Њукасл. Зад Ширер се Вејн Руни со 208 и Енди Кол со 187. Агуеро замина во Сити од Атлетико во 2011 година и оттогаш постигнуваше 20 и повеќе голови по сезона, освојувајќи притоа и четири шампионски титули.

– Тој е легенда. Чест ми беше да бидам тука на денот кога го забележа рекордот. Да се биде странски играч со најмногу голови и хет-трикови, зборува само за себе. Се надевам дека ќе постигне уште повеќе – изјави неговиот шеф Пеп Гвардиола.
Англиските фудбалски коментатори, пак, сумирајќи ги постигнувањата на Агуеро, велат дека тој не е адекватно вреднуван и доволно респектиран како еден од најдобрите стрелци, не само во Англија туку и во светот. Тоа го поткрепуваат и со фактот дека во минатите девет сезони тој само еднаш (лани) бил избран во најдобриот тим на сезоната, иако во шест од осумте сезони во Сити постигнува 20 и повеќе голови (сезонава веќе има 13).

Како едни од причините за недобивање признанија се сметаат неговата скромност и повлеченост. И по девет година од доаѓањето во Англија, нему му е непријатно да зборува јавно на англиски јазик, па, оттаму, не може да оствари ниту подобра комуникација со навивачите и со пошироката публика на ист начин како што тоа го направи зборливиот Анри во Арсенал. Агуеро не бара публицитет и не ги користи медиумите во своја полза. Но, без оглед на причините за недобивање должно внимание и вистинско признание, рекордите на Агуеро зборуваат сами за себе. Тој ќе продолжи да постигнува голови за Сити сѐ до денот кога ќе ги спакува куферите за Аргентина.


Анри, Кантона, Ѕола…

Серхио Агуеро секогаш беше во „медиумска сенка“ на француските интернационалци Тиери Анри или Ерик Кантона, кога станува збор за присуството во јавноста. Тој има повеќе голови од Анри и има освоено двојно повеќе титули (4-2 во корист на Агуеро). Кантона, исто така, постојано се спомнува поради трансформацискиот ефект што го имаше врз Манчестер јунајтед во текот на 90-тите години од минатиот век, по пристигнување на „Олд трафорд“ од Лидс во ноември 1992 година. Кантона освои исто толку титули како Агуеро и повеќе ФА-купови, но никогаш не беше толку конзистентен пред голот како Аргентинецот, а и неговите настапи во Лигата на шампионите (ЛШ) не беа ни блиску до оние на Агуеро. Од другите странци, навивачите на Челси постојано го истакнуваат влијанието на Џанфранко Ѕола што го имаше на „Стенфорд бриџ“, а се чини дека нема да помине многу време пред Вирџил ван Дајк или Мохамед Салах да добијат сличен статус во Ливерпул. Л.Д.