„Резервата“ Хрубеш им ја донесе втората титула на Германците

47
Хорст Хрубеш

Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (6)

Во 1980 година Италија стана првата земја што двапати била домаќин на европско првенство (ЕП) во фудбал (првиот пат во 1968-та). На тоа шесто ЕП, натпреварите се играа во четири града (Милано, Торино, Неапол и Рим) и првпат настапија осум репрезентации (Германија, Белгија, Англија, Холандија, Шпанија, Чехословачка, Грција и Италија). Селекциите беа поделени во две групи, играа секој со секого, по што првопласираните директно се пласираа во финалето, а второпласираните играа за третото место.

Титулата, втора, ја освои Германија, која во финалето ја совлада Белгија со 2-1. Трета беше Чехословачка, првакот од 1976 година, која во „малото финале“ беше подобра од Италија (1-1, 9-8, на пенали). Најзаслужен за триумфот на Германците беше стрелецот на двата гола во финалето Хорст Хрубеш, кој во репрезентацијата влезе во последниот момент, откако Клаус Фишер скрши нога.
– Не знам дали јас бев очигледна замена за Фишер, но бев природна замена поради системот на игра во тој период, со централен напаѓач и со Клаус Алофс и Карл-Хајнц Румениге зад него, двајцата многу офанзивни играчи. Истото тоа би можело да се каже и за средниот ред со Бернд Шустер (тогаш имаше само 20 години – н.з.) и Ханси Милер, па и за бековите Манфред Калц и Ханс-Питер Бригел. Не би рекол дека очекувавме да ја освоиме титула, но бевме добар тим, еден од најдобрите во Европа во тоа време. Мојот настап во финалето не беше сигурен, бидејќи на претходните три натпревари не постигнав ниту еден гол. Но, гледајќи назад, селекторот Јуп Дервал го направи вистинскиот избор. Го постигнав првиот гол, а вториот следуваше во 89. минута, по корнерот на Румениге од левата страна.

Во финалето против Белгија (2-1), Хрубеш ги постигна двата гола, а во селекцијата на Германија се најде во последен миг, откако Клаус Фишер скрши нога

Тоа беше уиграно, тој ми даде знак, голманот Жан -Мари Пфаф направи грешка, остана на гол-линијата, скокнав високо и немав проблем да ја сместам топката во мрежата – вели Хрубеш, кој во Бундес-лигата за осум години постигна 136 гола, од нив 81 со глава. Изненадување на ЕП 1980 беше Белгија, на која никој не ѝ даваше шанси за позначаен успех, камоли да се бори за титулата. Пред тоа ЕП, Белгијците имаа забележано само две победи на големите турнири, но селекторот Ги Тијс, со Пфаф, Ерик Герец, Јан Кулеманс, Рене Вандерејкен и другите успеа да создаде силен тим.

– Тоа беше една од најдобрите селекции во фудбалската историја на Белгија. Бевме добри индивидуалци, но не и силен тим, но откако поработивме на дисциплината во играта работите си дојдоа на свое место. Првпат игравме во едно финале, а претходно практично бевме аматери – вели Пфаф, кој одигра 125 репрезентативни меча за Белгија.
Од тоа ЕП ќе остане забележано дека првпат имаше официјална маскота, Пинокио, ликот од детската приказна со исто име.

[email protected]