Реал ја предводи силната конкуренција за трансферот на Елиф Елмас

473

Актуелниот европски првак, шпански Реал Мадрид, англиски Тотенхем и италијански Лацио се меѓу клубовите што се заинтересирани за трансфер на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас (19) од Фенербахче, пренесува италијанскиот интернет-портал „Калчомеркато“.

Претставниците на кралскиот клуб неколку пати ги следеле настапите на талентираниот играч за врска, за кој познавачите на фудбалот сметаат оти побрзо би напредувал доколку настапува во некое од најсилните европски национални првенства. 

Во Лацио, пак, го сметаат Елмас за можна замена за српскиот репрезентативец Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а во Тотенхем во него гледаат алтернатива за Белгиецот Муса Дембеле. За македонскиот фудбалер интерес изразила и германска Борусија Дортмунд која неодамна остана без Кристијан Пулишиќ кој отиде во Челси.

Елмас, кој е проценет на 7,5 милиони евра од сајтот специјализиран за вредностите на фудбалерите „Трансфермаркт“, сезонава има еден гол на 25 настапи за Фенербахче во сите конкуренции.