Реал шампионски на јубилејот на Рамос

141

Капитенот Рамос (32), кој пристигна во Реал од Севилја во 2005-та, како 19-годишник, за сѐ уште рекордни за тинејџер 27 милиони евра, во победата на гости кај Ајакс во ЛШ го одигра 600-от меч за тимот со кој освои четири титули првак на Европа

Актуелниот европски фудбалски шампион Реал Мадрид го совлада Ајакс на гости со 2-1 (стрелци Бензема 60, Асенсио 87 – Зиеч 75) на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, во првиот осминафинален натпревар по што е многу блиску до пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ). За Ајакс ова беше прв натпревар во нокаут-фазата во ЛШ по 13 години и седми последователен пораз во дуелите против Реал, со вкупна гол-разлика 3-22.

Кaпитенот на Реал, Серхио Рамос (32), го одигра 600-от меч за „кралскиот клуб“ во чиј дрес, меѓу многуте трофеи се четирите титули првак на Европа и четирите на Шпанија. Рамос пристигна во Реал од Севилја во 2005 година, како 19-годишник, за сѐ уште рекордни за тинејџер 27 милиони евра. Повеќе натпревари за Реал од Рамос одиграа Фернандо Иеро и Пако Хенто (по 601), Маноло Санчис (710), Икер Касилјас (725) и Раул Гонзалес (741).

Рамос постигнува голови 15 сезони едноподруго во ЛШ, што е рекорд за одбранбен фудбалер. Тој е и еден од тројцата фудбалери што постигнале голови на два финални меча во ЛШ (или порано Куп на шампионите) во 2014 и во 2016 година. Другите двајца се Томи Гемел, за Селтик во 1967 и во 1970 гoдина и Фил Нил за Ливерпул во 1977 и во 1984 година.

Покрај освоените трофеи, Рамос е влезен во клупската историја како фудбалер што добил најмногу црвени картони, 24 во сите конкуренции, од кои пет пати во „Ел класико“, во дуелите против Барселoна. Л.Д.


ВАР дебитира со детекција на неколку сантиметри офсајд

На мечот во Амстердам првпат во историјата на фудбалската Лига на шампионите беше користен системот видео помошник-судија (ВАР), во првото полувреме. Ајакс постигна гол во 37-та минута што судијата, Словенецот Дамир Скомина, по консултација со колегите во ТВ-студиото го поништи откако на снимката беше утврдено дека Душан Тадиќ бил неколку сантиметри во офсајд, но и го попречувал голманот Тибо Куртоа.


Тотенхем без Кејн и без Али ја декласира Борусија

Тотенхем, во чии редови ги немаше Хари Кејн и Деле Али, блескаше во второто полувреме победувајќи ја Борусија Дортмунд (без Марко Ројс и Пако Алкасер) на „Вембли“ со 3-0 (Сон Хеунг-Мин 74, Вертонген 83, Љоренте 88 минута) и реално може да размислува за пласман во четвртфиналето на фудбалската Лига на шампионите, во која последен пат настапи во сезоната 2010/2011 под водство на тогашниот менаџер Хари Реднап. Овој триумф беше прв за Тотенхем во нокаут-фазата во ЛШ (еден пораз и две ремија) и еден од најубедливите во клупската историја, петти со три и повеќе гола разлика. Борусија, пак, петти пат загуби со 0-3, што е еден од највисоките порази за тимот од Дортмунд во ЛШ.

Кореецот Сон постигна девет гола на 11 меча во сите натпреварувања против Борусија, односно 11 гола, плус пет асистенции на последните 12 меча во сите конкуренции за Тотенхем. Л.Д.