Реал убедлив лидер, Вардар 144-ти

159
Фудбалерите на Реал слават

На листата со 500 клуба на УЕФА за ЛШ од 1955 година до денес, Реал не само што води според титулите (13) туку и според учествата (49), одиграните мечеви (429), победите (258, единствен со повеќе од 200), постигнатите голови (954), гол-разликата (плус 491), бодовите (590) итн.

Шпанскиот гигант Реал Мадрид е убедлив лидер, со 129 бода предност пред најблискиот конкурент Баерн, на вечната листа на најдобрите повеќе од 500 тима во Лигата на шампионите (заедно со квалификациите и со поранешниот Куп на шампионите), која неделава ја објави Европската фудбалска унија (УЕФА), за периодот откако се игра најсилното натпреварување, од 1955 година до денес.
Така, „кралскиот клуб“ не само што води според освоените титули (13) туку и според бројот на учества (49), одиграните мечеви (429), бројот на победи (258, единствен со повеќе од 200), постигнатите голови (954), гол-разликата (плус 491), бодовите (590) итн.

Меѓу првите 10 тима се некогашни европски прваци, а по Реал и Баерн следуваат Барселона, Манчестер јунајтед, Јувентус, Милан, Бенфика, Порто, Ливерпул и Ајакс.
На листата се вкупно 513 тима. Од осумте македонски екипи што се на рангирањето на УЕФА, Вардар е најуспешен, на 144-то место со 18 бода, а зад него се, на пример, Генк, Сампдорија, Брага, ПАОК, Парма… Од македонските клубови понатаму на листата следуваат Работнички (185-ти), Шкендија (296), Слога Југомагнат (297), Силекс (338), Победа (380), Македонија ЃП (467) и Ренова (476).

УЕФА објави и листа со фудбалери со најмногу настапи, на која води Шпанецот Икер Касилјас со 177 меча, пред Португалецот Кристијано Роналдо со 162, Шпанецот Чави со 157, Велшанецот Рајан Гигс со 151, Шпанецот Раул со 144, итн. Од водечките и сега активни се Касилјас (Порто) и Роналдо (Јувентус). 


Панчев поефикасен од Блохин, Виери, Чарлтон, Роси, Фонтен…

Кристијано Роналдо со 122 гола води на збирната листа на стрелците во Лигата на шампионите објавена од Европската фудбалска унија (УЕФА), за периодот откако се игра најсилното европско клупско натпреварување, од 1955 година до денес. На листата потоа следуваат Аргентинецот Лионел Меси со 106, Шпанецот Раул со 71, Холанѓанецот Руд ван Нистелрој со 60, Французинот Карим Бензема и Украинецот Андриј Шевченко со по 59 гола, итн.
Од македонските фудбалери на листата на која се играчите со барем 10 гола е Дарко Панчев со 11 погодока, колку што имаат и, на пример, Кристијан Панучи, Јон дал Томасон, Андрес Иниеста, Серхио Рамос, Гаизка Мендиета, Двајт Јорк, Садио Мане, Хенрик Ларсон, Пауло Дибала… Зад нив се, со по 10 гола, на пример, Филип Коку, Марио Балотели, Олег Блохин, Кристијан Виери, Џон Тери, Боби Чарлтон, Жист Фонтен, Паоло Роси, итн.