Реал Мадрид и Герет Бејл – рубикова коцка која не може да се реши

333

Многуте шпекулации, неизвесности, бројни изјави и медиумски префрлања за иднината на Велшанецот Герет Бејл во Реал Мадрид сега има нов интересен момент.

Зборувајќи на прес-конференција пред Ауди-купот во Минхен, менаџерот на „кралевите“ Зинедин Зидан кажа дека Бејл, за кого константно кружат шпекулации дека си заминува, не е во тимот поради тоа што не е доволно физички подготвен.

Но, фотографијата на шпански „Ел Конфиденцијал“, која беше направена за време на поразот на Реал од поранешниот клуб на Бејл, Тотехнхем, покажува дека Велшанецот не е многу загрижен и ужива во на шпанските голф-терени.

По победата против турски Фенербахче вчера, Зидан кажа дека не сака да се меша во приватниот живот на Бејл.

– Јас сум тука со моите играчи и не можам да кажам многу. Се надевам дека тренирал додека е таму – потенцираше Зидан по прашањата на новинарите за фотографијата од Бејл. Тој додаде дека нема да го запре Герет да прави што сака, тоа е негов приватен живот.

Според пишувањата на медиумите, овој инцидент дополнително ќе ги зголеми тензиите меѓу Бејл и Зидан, кои според агентот на Велшанецот, воопшто немаат добар однос и било каква соработка.

Агентот на Герет Бејл, Џонатан Бенет, за медиумите кажа дека несогласувањата меѓу Зидан и Велшанецот се лични, а не професионални или тактички.

– Многу е едноставно, Зидан не го сака Герет. Нема однос меѓу нив двајца, никогаш не ни имало – посочи Бенет.

Многу контроверзии предизвика и изјавата на Зидан на 21 јули, кога кажа дека се надева на што побрзо заминување на Бејл од Реал Мадрид, за доброто на сите инволвирани. По ова, Французинот се соочи со силни критики од страна на агентот Бенет, кој сметаше дека ова е големо непочитување кон неговиот играч од страна на францускиот менаџер. 

Крилниот напаѓач од Велс, на кого му остануваат уште три години од договорот со Реал Мадрид, се чинеше дека го договори трансферот во кинески Џиангсу, за плата од 1,2 милиони долари неделно, но претседателот на Реал, Флорентино Перез, го откажа трансферот.

Герет Бејл (30) во неговата кариера во Реал Мадрид освои 14 трофеи, постигна 102 гола и 65 асистенции во 231 натпревар и покрај големиот број на повреди во последните четири сезони.