Реал загуби во Мадрид од резервниот тим на Шахтар!

44

Поради големиот број позитивни играчи на ковид-19 и поради повреди (дури 19, од кои 10 првотимци), Шахтар на мечот со Реал (3-2) настапи со резервниот состав, со седуммина играчи под 21 година

Најтрофејниот европски тим, рекордерот со 13 шампионски титули, Реал доживеа понижувачки пораз дома од украинскиот Шахтар, со 2-3, кој поради големиот број позитивни играчи на ковид-19 и поради повреди (дури 19, од кои 10 првотимци) на овој меч настапи со резервниот младински состав. Тренерот на Шахтар, Португалецот Луис Кастро, во првиот состав имаше дури седуммина играчи под 21 година.
– Лоша игра, лоша ноќ. Заслужуваме критики, сите ние, јас прв. Јас сум тренер и на мене останува да го пронајдам решението, затоа што вакви работи не смеат да ни се случуваат – изјави тренерот на „кралевите“ Зинедан Зидан, кој одмораше неколку стандардни првотимци пред утрешниот „Ел класико“ против Барселона.
Реал прими три гола во првите 45 минути, за првпат во Лигата на шампионите (ЛШ) по мечот со Лион во септември 2005 и за првпат дома по февруари 2000 година, тогаш од Баерн. Реал загуби три меча по ред во ЛШ или КЕШ, за прв пат по 1986-та. Реал е единствениот што 28 пати успешно ја минал групната фаза и се пласирал во нокаут-фазата во ЛШ.

Актуелниот шампион Баерн во супериорен стил ја почна одбраната на титулата, декласирајќи го Атлетико, 4-0, без постигнат гол на Роберт Левандовски, лани најефикасниот во ЛШ со 15 гола. Тоа беше 12-та победа во низа за Баварците во ЛШ (притоа постигнаа 47, а примија само осум гола), кои важат за фаворити за освојување нова титула. Во минатите 40 години само Нотингам форест (1979, 1980), Милан (1989, 1990) и Реал (2016, 2017 и 2018) успеале да врзат две и повеќе титули во низа. 


Резултати, 1. коло

Група А
Баерн – Атлетико 4-0
Салцбург – Локомотив М. 2-2
Група Б
Реал – Шахтар 2-3
Интер – Борусија М 2-2
Група Ц
Манчестер С. – Порто 3-1
Олимпијакос – Марсеј 1-0
Група Д
Ајакс – Ливерпул 0-1
Митјиланд – Аталанта 0-4