Рамос како Меси

182

Серхио Рамос (33), центархалфот на Реал Мадрид, постигна гол на мечот против Леганес (5-0) и му се придружи на Лионел Меси како втор фудбалер во историјата на Ла лига што постигнува гол во 16 последователни сезони. Првиот гол на Рамос е од сезоната 2004/2005, во дресот на Севилја, по што се пресели во шпанската престолнина.

Тој има вкупно 62 гола на 468 меча во најсилната конкуренција. Меси, кој исто така првиот гол за Барса го постигна во сезоната 2004/2005, има неверојатни 423 гола на 457 натпревари во Ла лига. Неодамна Рамос, на
квалификацискиот меч за ЕП 2020 против Норвешка, го урна и рекордот на Икер Касилјас според бројот на одиграни натпревари за репрезентацијата на Шпанија, 168.

– Се надевам дека овој ентузијазам и амбиција ќе ме придружуваат и понатаму за да стигнам до бројката од 200 натпревари, што ми е целта – изјави Рамос.

Тој ја освои титулата светски првак (во 2010) и има две титули европски шампион (2008 и 2012-та). Следна цел му е да освои олимписки медал, на Игрите во Токио в година.

Л.Д.