ПСЖ пресилен за Манчестер јунајтед

114
Фудбалерите на ПСЖ ја прославуваат победата над Манчестер јунајтед

Манчестер јунајтед загуби од ПСЖ, 0-2, првпат со повеќе од еден гол разлика во европска конкуренција на „Олд трафорд“ и првпат по 17 меча во сите конкуренции не успеа да постигне гол

Француски Пари Сен Жермен (ПСЖ) е пред пласман во следната четвртфинална фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) по триумфот на гости над Манчестер јунајтед со 2-0 во првиот осминафинален меч со головите на Преснел Кимпембе во 53-та и на Килијан Мбапе во 60-та минута.
Задачата на Манчестер јунајтед да ја анулира негативата од два гола во реваншот на 6 март ќе биде отежната и поради исклучувањето на Пол Погба (два жолти картона), но и поради традицијата, односно статистиката, која вели дека тимот од „Олд трафорд“ никогаш не се пласирал во следна рунда по пораз дома во европска конкуренција во првиот меч. Досега во ЛШ ниту еден од 34-те тима што во првиот натпревар загубил со два или повеќе голови не се пласирал во следната рунда.

Манчестер јунајтед првпат загуби меч со повеќе од еден гол разлика во европска конкуренција на „Олд трафорд“ и првпат по 17 меча во сите конкуренции не успеа да постигне гол. Поразот од ПСЖ, кој е првиот француски тим што го совладал Манчестер јунајтед на „Олд трафорд“ во еврокуповите, беше и прв под водство на привремениот менаџер, Норвежанецот Оле Гунар Солскјер, по 10-те победи и едно реми, кој го замени Португалецот Жозе Мурињо по отказот лани во декември.

– Овој меч беше вистинска проверка на нашите моментални можности. Ние не игравме на нивото како на претходните натпревари, но мораме да извлечеме поуки од него и сигурно овој меч нема да ни ја одреди сезоната. Нѐ очекува уште еден тежок меч, но не се предаваме предвреме и нема да размислуваме дека сѐ е завршено. Ќе одиме таму да одиграме најдобро што можеме, подобро отколку сега – изјави по мечот Солскјер.

Ветеранот на голот на ПСЖ, Италијанецот Џанлуиџи Буфон, стигна до бројката од 50 меча во ЛШ без примен гол. Тој е четвртиот фудбалер што на возраст од над 41 година настапил во ЛШ, со што им се придружи на Марко Балота, Марк Шварцер и на Олександр Шовковски. Дебито во Буфон во ЛШ беше на голот на Парма во септември 1996 година, на 18 години и 240 дена, кога Мбапе и Маркус Рашфорд не беа родени!

Иронично, еден од најдобрите играчи на натпреварот беше Аргентинецот Анхел ди Марија, асистентот на двата гола за ПСЖ, поранешен играч на Манчестер јунајтед. Тој дојде во Јунајтед од Реал во 2014-та за тогаш рекордни за Велика Британија 59,7 милиони фунти. Но не се наигра кај Луј ван Гал и по само една неуспешна сезона се пресели во ПСЖ. Навивачите на Манчестер јунајтед крајно непријателски го дочекаа, му свиркаа, го гаѓаа со тврди предмети, со празни, но и со полни пластични шишиња вода. Неговиот одговор беа добрата игра, асистенциите и големиот удел во победата на ПСЖ. 


Ѕаниоло е новиот принц на Рома

Тинејџерот, 19-годишниот Николо Ѕаниоло ги даде двата гола за Рома (70 и 76 минута) на мечот против Порто (Адриан Лопез 79), 2-1, и со минимална предност заминува на реваншот во Португалија.
Ѕаниоло, кого италијанските новинари почнаа да го нарекуваат Новиот Принц на Рома (стариот е Франческо Тоти), е најмладиот италијански фудбалер што постигнува два гола во ЛШ и најмладиот по Марио Балотели што дава гол во оваа конкуренција.
Тој дојде лани летото во Рома од Интер за 4,5 милиони евра, како дел од трансферот на Раџа Најнголан на „Џузепе Меаца“, вреден 35 млн. евра. Сезонава тој одигра 22 меча за Рома, на кои постигна пет гола, два повеќе од Најнголан во Интер! Во ЛШ дебитира на мечот против Реал, во септември 2018-та.