Пројковска се врати на меѓународната сцена

208

Среќна сум, задоволна, добро е што повторно се играат мечеви во една недефинирана ситуација поради пандемијата, вели Ивана Пројковска, која е во првата категорија судии на УЕФА, лани судеше на финалето на ЕП (до 19 години), а пред неколку дена и меч во квалификациите за ЕП за сениорки

ФУДБАЛ

Убаво е чувството по пауза од шест месеци повторно да се биде на фудбалски стадион, да се суди на репрезентативен меѓународен натпревар. Атмосферата на празниот стадион беше малку чудна. Но среќна сум, задоволна, добро е што повторно се играат натпревари во една недефинирана ситуација поради пандемијата на ковид-19, со задолжнителни многубројни медицински и безбедносни протоколи за сите што сме дел од натпреварите, вели македонската судијка Ивана Пројковска, која пред неколку дена во Букурешт ја делеше правдата на мечот Романија – Хрватска (4-1), во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022 година за жени.
На тој меч комплетната судиска постава беше од Македонија. На Пројковска ѝ помагаа Билјана Миланова, Вјлоца Изеири и Ирена Велевачкоска.

– Кон крајот на октомври продолжуваат квалификациските натпревари за ЕП, очекувам повторно да судам на некој меч. Во ноември почнуваат и мечевите во женската Лига на шампионите, со по еден натпревар, и се надевам дека, како и лани, ќе бидам дел од судиите што ќе ја делат правдата – вели Пројковска, која е во првата категорија судии на УЕФА и чија желба е да биде и главна судијка на натпревар во Првата лига на Македонија за мажи.
Пројковска лани во јули ја доби довербата да суди на финалето на ЕП (до 19 години), помеѓу Франција и Германија (2-1). Во меѓувреме судеше на неколку меѓународни меча во ЛШ, во квалификациите за ЕП. Претходен пат судеше во март годинава, на турнирот на Кипар што го организира ФИФА.