Промените во ЛШ планирани за 2024-та, ќе се одложат или ќе се укинат?

58

По повеќемесечните разговори помеѓу клубовите од петте најквалитетни европски лиги, Шпанија, Англија, Италија, Германија и Франција, не е постигнат консензус, пишува Би-би-си

Како што стојат работите од најавите на Европската фудбалска унија (УЕФА) за нов формат на Лигата на шампионите (ЛШ) од 2024 година, со четири групи со по осум тима, а не како сегашните осум групи со по четири, што ќе значи вкупно 14 натпревари, од кои некои би се играле и за време на викендите, ќе нема ништо, објави Би-би-си.
Ваквите предлози за нов формат дојдоа по притисокот на клубовите од петте најквалитетни европски лиги, Шпанија, Англија, Италија, Германија и Франција, но по повеќемесечните разговори не е постигнат консензус.

Промоција и испаѓање од Лига Европа (ЛЕ) и нова Лига Европа 2, третото клупско натпреварување што треба да почне во 2021 година, би требало да обезбедат ротирање на клубовите, за да се спречи ЛШ да стане „затворено натпреварување“.

Поранешниот голман, сега извршен директор на Ајакс, Едвин ван дер Сар, беше присутен во Женева на средбата на водечките европски клубови во Европа, каде што беа и претставниците на клубовите од т.н. „голема шесторка“ на Англија, Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Тотенхем, Арсенал и Манчестер јунајтед. Тој е еден од најгласните за промени, посочувајќи дека сегашниот квалификациски систем можеше да доведе до тоа неговиот клуб воопшто да нема европски натпревари по август, иако минатата сезона го делеа секунди до пласман во финалето.

Извори велат дека едно од решенијата за „проблемот Ајакс“ е директен пласман во групната фаза за полуфиналистите. Но многу поголема пречка за спроведување на предложените промени е загриженоста кај најголемите лиги, вклучувајќи ја и Премиер-лигата, дека доколку планот на УЕФА резултира со поголеми приходи од ТВ-преносите, тоа би било на штета на домашните натпревари.

За тоа има несогласување со клубовите од Холандија, Португалија, Белгија и од Шкотска, каде што водечките клубови добиваат помалку пари од ТВ-преносите на домашните натпревари. Тие чувствуваат дека доколку не се преземат брзи дејства, јазот не само што ќе се продлабочи туку никогаш нема да се премости.
Минатата сезона, најслабопласираниот клуб во Премиер-лигата, Хадерсфилд, заработи над 100 милиони евра, само во „ТВ-пари“. Во 2018 година вкупниот приход на шкотскиот шампион Селтик, вклучувајќи ги и парите од ЛШ беше над 110 милиони евра, сума што значително ќе се намали во 2019 година, поради неквалификувањето во групната фаза.

Немањето консензус доведе до тоа претседател на УЕФА, Александер Чеферин, да ги откаже клучните трипартитни дискусии (УЕФА, лигите и клубовите) што требаше да се одржат денеска. Тие се одложени на неодредено време, пишува Би-би-си.