Принцот се враќа во Брисел

65

Капитенот на Манчестер сити, Венсан Компани (33) потврди дека заминува од англискиот фудбалски клуб по 11 сезони, со отворено писмо до навивачите во кое се заблагодарува за лојалноста и инспирацијата.

Откако во саботата ги предводеше Сити до 6-0 победа над Ватфорд за ФА купот и историска прва тројна титула во англискиот клуб, Белгиецот потврди дека веќе го одиграл последниот меч за „граѓаните“.

– Заврши оваа неверојатна сезона. Моја 11-та во „сино“. И не верувам дека го пишувам ова, но и последнта како ’син’. Безброј пати го замислував овој ден, бидејќи крајот се чувствуваше толку блиску со години, но уште не ми изгледа вистинско. Ман сити ми даде сè, а јас се обидов да вратам колку што можам. Колкупати некој има шанса да заврши вакво поглавје со клуб со голема историја и традиција. Дојде времето да си заминам. Чувствувам само благодарност, кон тие кои ме поддржуваа во овој посебен клуб и од луѓето во Манчестер. Шеикот Мансур ми го смени животот мене и на сите навивачи на Сити низ светот и за тоа сум вечно благодарен. Се крена сина нација – напиша Компани на Твитер.

Белгиецот дојде од Хамбург во 2008 година, како едно од првите засилувања при преземањето на клубот од компанијата од Абу Даби.

Андерлехт потврдија дека „принцот“ Компани се враќа во Брисел, каде што ќе биде фудбалер и менаџер на клубот кој е вклучен во голем број на скандали и има катастрофална сезона по која првпат по повеќе децении нема да игра во Европа.