Пресвртите се во ДНК на мундијалите

102
Момент од мечот Бразил - Уругвај (1-2) за СП 1950

Возбудливиот пресврт и победа на Белгија со гол на 15 секунди пред крајот на мечот со Јапонија, е само најновиот во серијалот мечеви што се „класика“ на светските првенства, како финалињата во 1950 и во 1974 година и многу други мечеви на повеќе мундијали

Во аналите на светските првенства (СП) во фудбал запишани се неколку натпревари т.н. „класици“ со многу возбудувања, голови и неверојатни резултатски пресврти, а мечот Белгија – Јапонија (3-2) од понеделникот на СП 2018, е само најновиот во серијалот „класика“.
Така, на СП 1950 во Бразил, домаќинот беше главен фаворит за освојување на првата титула светски првак. Во финалната рунда со четири екипи во групата, по двете убедливи победи над Шведска (7-1) и над Шпанија (6-1), Бразилците во решавачкиот меч се сретнаа со Уругвај. Во 47-та минута Бразил поведе со 1-0 со голот на Фриака и како веќе да почна славењето. Но Уругвајците прво израмнија преку Скијафино во 66та минута, а потоа и поведоа со голот на Гиџија во 79-та минута, што беше причината 200.000 гледачи на преполната „Маракана“ да не можат да ги запрат солзите долго по завршувањето на натпреварот.
Четири години подоцна, на СП во Швајцарија (на денешен ден, 4 јули), се случи нешто слично. Големиот фаворит, неприкосновената Унгарија во тоа време, предводена од Ференц Пушкаш, против Западна Германија по 10 минути игра водеше со 2-0, но на полувреме се замина со резултат 2-2. Во вториот дел, во финишот, Германците постигнаа уште еден гол, славеа со 3-2, ја освоија првата титула светски првак и се погрижија за огромното изненадување подоцна наречено „чудото во Берн“. Тој меч се смета за најголемо фудбалско враќање и за еден од најдобрите мечеви во историјата на СП.

Португалија, пак, во четврт-финалето на СП 1966, губеше од Северна Кореја со 0-3, но во второто полувреме постигна пет гола за триумф. На СП 1974, Германците во финалето во Минхен уште по првата минута во мечот со Холандија, во чии редови „главен“ беше Јохан Кројф, беа во негатива од 0-1. Но во продолжението од првиот дел, Германците израмнија на 1-1 во 25-та минута, а во финишот во 43-та, поведоа на 2-1, што беше доволно за втората титула светски шампион, одново со пресврт.
На две полуфинали дуели на СП, 1970 и 1982 се одиграа два меча што со право влегуваат во оваа категорија незаборавни дуели. Во Мексико во 1970-та, Италија ја совлада Германија со 4-3 по 120 минути игра. Во регуларните 90 минути беше 1-1 (Германците израмнија во 90-та минута), потоа двете селекции се сменуваа во водство, за конечно Џани Ривера во 111-та минута им донесе победа на „аѕурите“ со 4-3.
На СП во Шпанија, пак, Франција и Германија се сретнаа во полуфиналето во Севилја. По 90 минути беше 1-1, а потоа „триколорите“ со два гола во период од шест минути поведоа со 3-1. Но Германците веднаш вратија со иста мера, израмнија на 3-3, потоа беа попрецизни при изведувањето пенали и играа во финалето, каде што загубија од Италија (1-3).
На ова СП во Русија возбудлив меч одиграа и, на пример, Франција и Аргентина, со два пресврта (1-0 за Франција, па 2-1 за Аргентина, па 4-2 за Франција), потоа и Шведска и Германија (1-0, па 1-2 со гол во последната секунда) итн. Л.Д.