Премиер-лигата е најголем светски заработувач во странство

95

Со зголемувањето на тие приходи од ТВ-правата, клубовите од „големата шесторка“ инсистираа и успеаја во овој тригодишен циклус парите да се поделат врз нова основа, при што екипите од врвот на табелата ќе добиваат повеќе пари

Вредноста на ТВ-правата на англиската фудбалска Премиер-лига во следниот тригодишен период, од 2019 до 2022 година, се зголемила за 35 проценти, на 4,35 милијарди фунти (4,73 милијарди евра). Тоа значи дека вкупните приходи од ТВ-правата пораснале и покрај падот на приходите на домашниот пазар, објави британскиот весник „Телеграф“. Од вкупниот пораст за 35 проценти на странските пазари, половината може да се објасни со падот на фунтата во однос на доларот и на еврото, соопшти „Спорт бизнис медиа“.

Зголемувањето на приходите од странство, според „Спорт бизнис медиа“, е нешто поголемо од очекувањата, односно 46 отсто од сите приходи на Лигата. Тие договори ја зацементираа позицијата на Премиер-лигата како најголем заработувач на пари во странство споредено со која било друга спортска лига во светот. Зголемувањето на приходите во странство објаснува зошто најголемите клубови во Премиер-лигата, оние од т.н. „голема шесторка“, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челси, Тотенхем и Ливерпул инсистираа, и успеаја во тоа, приходите во овој тригодишен циклус оттаму да се поделат врз нова основа, при што екипите од врвот на табелата ќе добиваат повеќе пари.

Ваквата промена ќе значи дека клубовите од т.н. „голема шесторка“ ќе добијат до 80 милиони фунти (87 милиони евра) повеќе пари од странство отколку клубовите од долниот дел на табелата. Претходно сите 20 клуба добиваа еднаков дел од приходите од странство. Но постои загриженост дека ова ќе биде на штета на конкурентскиот баланс во Премиер-лигата и ќе го продлабочи јазот меѓу побогатите и посиромашните клубови, пишува „Телеграф“.

Зголемувањето на приходите од ТВ-правата е „иницирано“ од Европа. Во тригодишниот циклус, од 2019 до 2022 година, кој почнува в петок, европскиот пазар учествува со 30 отсто од вкупните странски приходи на Лигата, според „Спорт бизнис медиа“. ТВ-правата за преноси на мечевите во Премиер-лигата во Данска и во Португалија (и приходите) двојно се зголемиле во споредба со периодот од 2016 до 2019 година. Оние во Германија, Австрија и во Швајцарија (кои се продаваат заеднички) и во Шпанија се зголемиле за околу 65 отсто. Во поголемиот дел од Европа, Премиер-лигата има корист од појавувањето на нови „играчи“ на пазарот, чиј агресивен настап ја зголемил конкуренцијата, наедно и ја покачил цената на правата. ДАЗН, услугата за видеостриминг со претплата, која почна во 2016 година, ги купи правата на Премиер-лигата за Шпанија. „Спорт бизнис медиа“ смета дека, дури и на пазарите каде што овие компании не ги добиле правата, со наддавањето ги зголемиле цените.