Премиерлигашите намалија со трошењето

110
Алисон, Марез, Аризабалага

Во летниот преоден рок англиските клубови за трансфери издвоиле 1,37 милијарда евра што е помалку од лани, 1,59 милијарда евра. Најактивни на пазарот беа Ливерпул, со 183,7, Челси 133,6, Фулам 116,9 и Лестер со 111,3 милиони евра

Англиските премиерлигаши во летниот преоден рок што заврши на 9 август попладне (почна на 17 мај), потрошија 1,37 милијарда евра со што не ја надминаа ланска рекордна сума од 1,59 милијарда евра за купопродажба на играчи. Во последниот ден од преодниот рок за трансферите на 25 фудбалери (лани 17) се свртеа 142,5 милиони што, пак, е помалку од ланските 233,8 милиони евра.
Финансискиот експерт од универзитетот „Шефилд Халам“, Роб Вилсон вели дека клубовите лани многу се истрошиле и оти со помалку пари од ТВ-правата за следните сезони логично е да опаѓа и нивната потрошувачка.

– Повеќето клубови решија да запрат малку со трошењето, меѓу кои е и Манчестер јунајтед, бидејќи сфатија дека инфлаторната спирала и купувањето прескапи и преценети играчи не води никаде – вели Вилсон посочувајќи ги примерите со Нејмар и со Осман Дембеле лани и со Фелипе Кутињо зимава.
Тим Бриџ од спортската деловна групација, пак, ваквиот надолен тренд за трошење го објаснува со порано завршениот преоден рок.

– Факт е дека клубовите не се во можност да направат нови трансфери по три или четири одиграни натпревари до крајот на август, како досега, што на некој начин е добро за финансиската стабилност на клубовите, но и за лигата. Лани имаше случаи екипите што лошо почнаа и ги губеа првите три натпревари, последните денови да потрошат многу пари и по секоја цена се обидуваа да се засилат со нови играчи – вели Бриџ, додавајќи дека во зимскиот преоден рок, во јануари, клубовите би можеле бидат многу поактивни на пазарот.

Во јануари годинава премиерлигашките клубови потрошија 478,8 милиони евра, речиси двојно повеќе од рекордните 250,5 милиони евра во јануари 2011-та кога во последниот ден од преодниот рок, Фернандо Торес мина од Ливерпул во Челси за 55,6, а Енди Керол од Њукасл во Ливерпул за 39 милиони евра.

Но и покрај малото намалување на бруто-износите летово, нето-потрошувачката на клубовите во Премиер-лигата достигна рекордни 963,13 милиони евра (лани 857,3), бројка што може да се намали до крајот на преодниот рок во другите европски лиги.
Меѓу премиерлигашките клубови најмногу пари потрошиле Ливерпул, 183,7, Челси 133,6, Фулам 116,9 и Лестер 111,3 милиони евра. Три клуба, Њукасл, Тотенхем и Вотфорд, повеќе заработиле отколку што потрошиле.

Во преостанатите најквалитетни европски лиги според трошењето следува италијанската Серија А (1,013 милијарда евра), шпанската Ла лига (757,1 милиони евра), германската Бундес-лига (445,3) и француската Лига 1 (389,7 милиони евра), но треба да се напомене дека преодните рокови сѐ уште траат.

Во Италија тој се затвора на 17 август, еден ден пред почнувањето на новата сезона во Серија А, а во другите три, во Шпанија, во Германија и во Франција, на 31 август. Останува да се види дали тие лиги ќе го следат примерот на Англичаните и во иднина и ќе го поместат летниот преоден рок.