Прегратката му донесе казна на навивач на Лестер

108

Раководството на англискиот фудбалски клуб Лестер му забрани влез на стадионот во следните три месеци на навивачот кој втрча на теренот за да изрази сочувство до синот на сопственикот на клубот Вичаи Шриваданапраба кој загина во хеликоптерска несреќа.

Инцидентот се случи по натпреварот од шампионатот на Англија со Барнли (0:0), кога синот на сопственикот, Ајават, влезе на теренот за да им се заблагодари на навивачите за нивната поддршка. Тогаш, навивачот Том Мери, истрча на теренот за да го прегрне уплаканиот Ајават. Тој му се заблагодари за возврат.

Сепак, навивачот подоцна од раководството на Лестер, доби забрана за влез во следните три месеци поради недозволен влез на теренот.

Навивачот Мери изјави дека лицата за безбедност, по неговото емоционално дело, го чувале во соба на стадионот околу 20 минути прашувајќи го за неговите мотиви. Тој рече дека им подлегнал на емоциите. Истакна дека не жали за стореното дело и дека бил подготвен да прифати казна, бидејќи „правилата се правила“.