Првпат целосна доминација на тимовите од петте најсилни првенства

87
Баерн постави голгетерски рекорд и групната фаза ја заврши без загубен бод

Меѓу 16-те најдобри во ЛШ сезонава има по четири екипи од Англија и од Шпанија, по три од Италија и од Германија и две од Франција. Лани во осминафиналето играа тимови од седум земји, пред тоа од девет, досега најмалку беа во сезоната 2016/2017, од шест, а најмногу една сезона пред тоа, од 11

Првпат во историјата на Лигата на шампионите (ЛШ) меѓу 16-те најдобри се пласираа само екипи од т.н. „лига петка“, петте најсилни европски лиги, а најмногу, по четири, од англиската Премиер-лига и од шпанската Ла лига, по три се од италијанската Серија А и од германската Бундес-лига и две од француската Лига 1.
Од година на година јазот меѓу најбогатите клубови од најсилните лиги и оние од другите лиги сѐ повеќе се продлабочува, за што говорат и следните податоци. Ланската сезона екипи од други земји беа холандскиот Ајакс (беше полуфиналист) и португалскиот Порто (четврт-финале). Пред две сезони, во 2017/2018, четири тима надвор од „петте врвни лиги“ успеаја да се квалификуваат во нокаут-фазата, и тоа украинскиот Шахтар, швајцарскиот Базел, турскиот Бешикташ и Порто, во сезоната 2016/2017 осминафиналисти беа тимови од шест земји (14 од петте најсилни и два тима од Португалија), а една сезона пред тоа од 11 земји итн.

– За мене не е изненадување доминацијата на клубовите од најсилните лиги во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите. Објаснувањето е едноставно, тие ги имаат најдобрите играчи, играат во силна конкуренција, секој меч е дерби. Есенва гледавме одличен, офанзивен фудбал, со многу голови, шанси, возбудувања на секој меч, ретко кој заврши без голови. Главна карактеристика е офанзивната, напаѓачката иг­ра, а најбитна е транзицијата од одбрана во напад, веднаш да се оди во контра, што побрзо да се нападне, главно по страничните позиции. Доминира брзината, поседот на топка повеќе не е толку битен како порано, а дефанзивната игра станува демоде – вели Зоран Стратев, координаторот на младите селекции при Фудбалската федерација на Македонија.

Во групната фаза во осумте групи на 96 натпревари есенва беа постигнати рекордни 308 гола, два повеќе од сезоната 2017/2018. Најмногу голови постигна Полјакот Роберт Левандовски од Баерн, 10 (и лани беше најефикасен со осум гола), еден помалку од рекордните 11 на Кристијано Роналдо во сезоната 2015/2016. Левандовски со 10-те гола (на пет меча) успеа да ја прекине децениската доминација на Роналдо и на Меси. Меѓу стрелците за издвојување е младиот 19-годишен напаѓач на Салцбург, Норвежанецот Ерлинг Холанд, кој постигна осум гола и тоа на првите пет меча во ЛШ.

Фудбалерите на Баерн на шесте натпревари постигнаа 24 гола, само еден помалку од рекордните 25 на ПСЖ од сезоната 2017/2018. Но 16-те гола што ги постигнаа Баварците (осум постигна Левандовски), против Тотенхем (седум), Црвена звезда (шест) и Олимпијакос (три) е нов рекорд за голови на гости во ЛШ, четири гола повеќе од Барселона во сезоната 2011/2012. Баерн е седмиот тим што групната фаза ја завршува со максимален ефект, со што им се приклучи на Реал (2011/12 и 2014/15), Спартак М. (1995/96), Милан (1992/93), Барселона (2002/03) и на ПСЖ (1994/95).

Меѓу тимовите што испишаа нова страница во историјата на ЛШ е италијанската Аталанта, која во дебитантскиот настап и откако ги загуби првите три меча успеа да се пласира во осминафиналето.
Третопласираните екипи во осумте групи во фудбалската Лига на шампионите ќе ги продолжат натпреварите во шеснаесетфиналната рунда во Лига Европа (ЛЕ). Тоа се Ајакс, Баер, Бенфика, Бриж, Интер, Олимпијакос, Салцбург и Шахтар. Ждрепката е закажана за в понеделник во Нион, а натпреварите ќе се играат на 20 и на 27 февруари 2020 година. 


Можни се и интересни тренерски дуели во осминафиналето

Ждрепката за осминафиналната рунда во фудбалската Лига на шампионите в понеделник ќе биде полудиригирана, односно меѓусебе не ќе можат да играат првопласираните тимови во групите и од иста група или земја. Тоа значи дека се ограничени т.н. мегадуели, но, сепак, како опција има неколку што би привлекле внимание од повеќе причини.
Ако има дуел Јувентус – Челси, тренерот на „старата дама“, Марусио Сари, ќе игра со тимот што минатата сезона го предводеше со кој ја освои Лига Европа (ЛЕ). Тренерско враќање би имало и ако има меч Ливерпул – Борусија. Јирген Клоп, кој лани со „црвените“ го елиминира стариот ривал од Германија, Баерн, сезонава може повторно се сретне со поранешниот клуб, по четврт-финалето на ЛЕ во сезоната 2015/2016. Дуелот Манчестер сити – Реал би бил тренерски дуел на Пеп Гвардиола со Зинедин Зидан и на Белгијците Еден Азар и Кевин де Брујне. Со евентуален дуел Јувентус – Реал во осминафиналето Кристијано Роналдо би заиграл против долгогодишните соиграчи и пријатели. Можната е и, на пример, средба Тотенхем – Барселона. Жозе Мурињо од периодот како тренер на Реал Мадрид има „долга историја“ дуели со Барселона.


ОСМИНАФИНАЛИСТИ

НОСИТЕЛИ
ПСЖ
Баерн
Манчестер с.
Јувентус
Ливерпул
Барселона
Лајпциг
Валенсија
НЕНОСИТЕЛ
Реал Мадрид
Тотенхем
Аталанта
Атлетико М.
Наполи
Борусија Д.
Лион
Челси

ждрепката е полудиригирана, па нема да играат меѓу себе тимови од иста земја и од иста група, а ќе бидат влечени само првопласирани против второпласирани


ОСМИНАФИНАЛИСТИ ПО ЗЕМЈИ
СЕЗОНА ЗЕМЈИ
2019/20 5
2018/19 7
2017/18 9
2016/17 6
2015/16 11
2014/15 8
2013/14 8
2012/13 9
2011/12 8
2010/11 7