Прва радост за Марсеј или трета за Атлетико?

795

Во финалето на Лига Европа, вечерва (20.45 часот), во Лион играат Олимпик
Марсеј и Атлетико Мадрид

Фудбалерите на францускиот Олимпик Марсеј или на шпанскиот Атлетико Мадрид ќе го кренат 15 кг тешкиот трофеј (најтежок од сите на УЕФА), наменет за победникот во Лига Европа (ЛЕ). Мечот ќе се игра во францускиот град Лион (20.45 ч.), на стадионот оддалечен 10 км од центарот на градот, изграден за Европското првенство (ЕП) 2016, кој е со капацитет од 56.500 места и на кој сега настапува истоимениот клуб, Лион.
Номинално Марсеј е домаќин на вечерашниот меч и неговите играчи ќе бидат облечени во клупската, бела боја, а Атлетико во црвено-белите дресови. Во полуфиналните дуели Марсеј го елиминира Салцбург, а Атлетико беше подобар од Арсенал.

Досега ниеден францускиот тим не триумфирал во ЛЕ. За Марсеј, кој е единствениот европски првак од таа земја во 1993 година, ова ќе биде трето финале во ЛЕ/УЕФА-куп, по двата пораза, во 1999 и во 2003-та.
Атлетико, кој триумфира во првото издание на ЛЕ во 2010, а потоа го повтори успехот во 2012 и има шанса да се израмни со Севилја, која трипати победуваше (2014, 2015 и 2016-та), важи за мал фаворит во вечерашниот дуел.
Главни адути на шпанскиот тим, на чија тренерска клупа повторно ќе го нема суспендираниот Диего Симеоне, се гранитната одбрана, која тешко прима голови, и напаѓачкиот тандем Антоан Гризман – Диего Коста.

Кај Марсеј, пак, најголемите очекувања се од Димитри Пајет, најдобриот асистент сезонава во ЛЕ, Флоријан Тевен, Луиз Густаво и Адил Рами.
На фудбалерите и на стручните штабови на двете екипи ќе им бидат поделени 40 медали. Награда за победничкиот тим ќе биде пласманот во групната фаза натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) во следната 2018/2019 сезона. Што се однесува до парите, освојувачот на трофејот ќе заработи најмногу до 15 милиони евра од УЕФА (6,5 мл вреди победата во финалето), во зависност од резултатите. Плус 10-30 милиони од спонзорски и други маркетиншки договори во зависност од земјата од која е клубот.