По 38 години, се враќа идејата за мундијалито

618

Во 1980 година во Уругвај се одржа мало СП (познато како мундијалито) со шест селекции, а сега идејата е во непарните години, пред светските првенства, да се игра турнир со осум репрезентации

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, предложи да се организира мини-светско првенство (СП), на кое би учествувале осум репрезентации и кое би се одржувало секои две години.
Турнирот наречен „Фајнал ејт“ би бил кулминација на глобалната Лига на нациите (ЛН) и е дел од амбициозниот план за реформи во меѓународниот фудбал, за кој ФИФА верува дека би можеле да вредат 20 милијарди евра во 12-годишен циклус. Инфантино сугерира новиот турнир да се одржува во октомври или во ноември секоја непарна година, почнувајќи од 2021-та.

Тој вели дека „сериозна“ група инвеститори се подготвени да потрошат 25 милијарди долари на новото натпреварување, како и на преработената верзија на Светското клупско првенство со 24 учесници, кое, исто така, би почнало во 2021 година. Купот на конфедерациите што се одржува на секои четири години, една година пред СП, ќе биде укинат.
Засега е нејасно кои репрезентации би настапиле на турнирот „Фајнал ејт“, но најверојатно шест од осумте селекции би биле победниците на регионалните натпреварувања во новоформираната ЛН, земјата-домаќин, како и актуелниот светски првак.

Слично натпреварување, мини-СП, или познато како мундијалито, се одржа пред 38 години во Уругвај, во 1980 година, во чест на 50-годишнината од првото СП 1930 година. На тоа мини-СП, со официјално име „Златен куп на светските шампиони“, учествуваа шест репрезентации, од нив пет дотогашни освојувачи на титулата светски првак, Уругвај, Италија, Германија, Бразил и Аргентина, како и Холандија, која настапи на местото на Англија. Во финалето на турнирот, Уругвај го победи Бразил со 2-1. Та.Д.;Л.Д.