По 16 години првпат прво мундијалско коло без 0-0

38

Првпат по 16 години на фудбалските светски првенства (СП) ниту еден меч од 1-то коло не заврши со најнепопуларниот резултат, 0-0. На Мундијалот во Русија на првите 16 меча немаше реми без голови, а најблиску до таков резултат беа пет меча на кои резултатот беше 1-0. Последно СП без резултат 0-0 во прво коло беше тоа во 2002 година во Јужна Кореја и во Јапонија.
На минатото СП во Бразил во 1-то коло имаше еден резултат 0-0, а на мундијалите во 2006 во Германија и во 2010 во Јужна Африка по два, како и во 1998 година во Франција. Без „нули“ во првата рунда помина СП во 1994 година во САД, едно реми имаше во 1990 година во Италија, но тогаш настапуваа по 24 репрезентации на планетарните шампионати итн.
И покрај отсуството на нерешени резултати без голови, во првото коло на СП 2018 беа постигнати помалку голови од рекордното прво коло поставено на СП 2014. Сега 38 пати се тресеа мрежите (2,38 во просек), а во Бразил беа постигнати 49 гола на 16-те меча (3,06 во просек). Меѓу шесте мундијали на кои играа по 32 селекции првото коло на СП 2018 е четврто според ефикасноста.