По две години Премиер-лигата е подготвена за ВАР

60

Во следната сезона 20-те стадиони на кои ќе се играат мечевите во Премиер-лигата ќе бидат опремени со технологија преку која одлуките ќе можат да бидат оценувани и проверувани во ВАР-центарот во Лондон

Челниците на англиската Премиер-лигата објавија дека нема дилеми оти примената на технологијата видеоасистент-судија (ВАР) во следната сезона, 2019/2020, ќе предизвика контроверзии, но истакнуваат дека се подготвени за тоа. ВАР претходно со доста успех, но и со доста забелешки, се користеше на Светското првенство (СП) во 2018 година во Русија, на годинашното СП за жени, во Лигата на шампионите (ЛШ), како и во некои национални шампионати и ФА-купот на Англија.

Привремениот главен извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, вели дека ВАР е подготвен да почне по периодот на тестирање.

– Две години работевме за да дојдеме до оваа точка. Беа направени многу тестирања за да се осигуриме дека кога нешто ќе се случи, особено во саботите попладне кога се играат повеќето натпревари, ќе имаме голем број обучени ВАР-судии – вели Мастерс.
Примената на ВАР на неодамнешното СП за жени во Франција беше критикувана, најмногу поради многуте застои и паузи во играта до донесувањето конечна одлука. Мастерс рече дека судиите во Премиер-лигата поретко ќе ги користат видеомониторите за проверка на одлуките.

– Мислам дека навивачите на трибините ќе сакаат јасните и очигледни грешки да се сменат. Но тие сигурно нема да сакаат да гледаат чести прекини или забавување на темпото на играта. Ова е новина во Премиер-лигата и ако треба да се поправаат или подобруваат некои работи ќе бидеме подготвени за тоа. Но прво треба нешто да се случи и да се процени со студени глави за што навистина станува збор – рече Мастерс.
Во следната сезона сите 20 стадиони на кои ќе се играат мечевите во Премиер-лигата ќе бидат опремени со технологијата преку која одлуките ќе можат да бидат оценувани и проверувани во ВАР-центарот, во Стокли парк, во западен Лондон.
ВАР ќе се користи при „јасни и очигледни грешки“ во четири спорни области: голови, пенали, директни црвени картони и погрешен идентитет на играч, кој треба да добие картон. Сево ова сигурно ќе доведе до промена на навиките на гледачите при гледање на натпреварите.

– Телевизија: гледачите ќе можат да го видат и она што го гледаат видеоасистент-судиите (ВАР) во студиото, вклучувајќи го и аголот „зад рамото“ на официјалните лица во студиото. Тимот на ВАР ќе биде објавуван однапред, како и судиската екипа на теренот. Радиодифузерите сигурно ќе сакаат натпреварите да не траат многу подолго од предвидените 90 минути, особено Скај ТВ кога ќе пренесува по два меча дневно, кои ќе почнуваат во 15 и во 17 часот.

– Стадион: информациите околу проверката преку ВАР ќе се појавуваат на големите екрани на 18 од 20-те стадиони што се опремени со нив. Кога одлуката ќе биде поништена, снимката од инцидентот повторно ќе биде прикажана во соодветен момент. Два стадиона и тоа најпознатите, немаат такви екрани, Енфилд (Ливерпул) и Олд Трафорд (Манчестер јунајтед), и таму информациите ќе бидат објавувани преку видеотаблите, на персоналните компјутери и паметните телефони.

Европската фудбалска унија (УЕФА) во новата сезона ќе го користи ВАР во групната фаза на Лигата на шампионите, се користеше во јуни на фајналфор-турнирот од Лигата на нациите, а од домашните првенства во Европа во новата сезона треба да се користи во Италија, Германија, Холандија, Шпанија, Франција, Белгија, Португалија…