Почнува клупското СП, Ливерпул игра за трофејот што му недостига

118

Европскиот првак Ливерпул од Англија и шампионот на Јужна Америка, Фламенго од Бразил директно се пласираа во полуфиналето на клупското СП, кое почнува денеска со мечот Ал Сад – Хиенген спорт

Со мечот на претставникот на домаќинот Катар, Ал Сад и првакот на Океанија, Хиенген спорт од Нова Каледонија, денеска во Доха почнува Светското клупско првенство. Турнирот се игра во Катар, а финалето е предвидено за 21 декември.
Европскиот првак Ливерпул од Англија и шампионот на Јужна Америка, Фламенго од Бразил директно се пласираа во полуфиналето. Победникот од дуелот денеска во четвртфиналната фаза ќе игра со мексиканскиот Монетереј (првак на Северна Америка) в сабота, а потоа победникот од таа средба со Ливерпул на 18 декември. Во втората четвртфинална двојка се среќаваат Ал Хилал од Саудиска Арабија (првак на Азија) и Есперанс од Тунис (првак на Африка) в сабота, а победникот во полуфиналето ќе се сретне со Фламенго, на 17 декември.

Мечеви за светската клупска титула се играат од 1960 година (до 2004 година како Интерконтинентален куп, со дуели само на прваците на Европа и на Јужна Америка). Европа води против Јужна Америка со 32-26 според бројот на светски клупски титули. Претходните три години трофејот го освојуваше Реал Мадрид, кој има најмногу светски титули, седум.
Ливерпул може да стане првиот англиски тим од 2008 година што ќе биде и светски клупски шампион, а со вкупна победа на клупското СП 2019 Ливерпул ќе го освои трофејот што му недостига во колекцијата. Англискиот клуб од петте претходни можности да настапи во меч за светската титула двапати не играше (во 1977 и во 1978 година), а трипати загуби (во 1981 година од Фламенго со 0-3, во 1984 година од Индепендиенте со 0-1 и во 2005 година од Сао Пауло со 0-1). 


НАЈМНОГУ СВЕТСКИ ТИТУЛИ
Реал Мадрид 7
Милан 4
Барселона 3
Сао Паоло 3
Пењарол 3
Бока јуниорс 3
Национал 3
Интер 3
Баерн 3