Португалија: Една генерација – две титули првак на Европа

37

Португалија е нов европски шампион за фудбалери до 19 години, а пред две години истата генерација стана континентален првак и на ЕП до 17 години

Младата селекција на Португалија за фудбалери до 19 години е првак на Европа. Во финалето во Сеинајоки, Финска, Португалија ја совлада Италија со 4-3, по продолженијата, откако по 90 минути мечот заврши без победник, 2-2.

Португалија, предводена од селекторот Хелио Соуса во двата наврата, пред две години и сега, постигна неверојатен успех, незабележан досега. Оваа генерација фудбалери пред две години во Азербејџан беа европски прваци во категоријата до 17 години, а годинава се шампиони во повозрасната категорија, до 19 години, првпат по 1999-та (во тогашната категорија, до 18 години).

– Сето тоа е последица на напорна повеќегодишна работа, мислам дека ја заслуживме победата. Вакво нешто е неверојатно, единствено во Европа. Немаме толку многу играчи како Англија и некои други земји во Европа, но имаме квалитетна генерација, која повторно успеа да стигне до врвот – изјави Соуса.

Најдобри стрелци на турнирот, со по пет постигнати гола, се Португалците Тринкао Франциско и Жоао Филипе (два во финалето). Една друга генерација на Португалија, лани, во финалето на младинското ЕП до 19 години загуби од Англија со 1-2.