Поразот од Ајакс повторно отвори многу прашања за проблемите на Реал Мадрид

260

Вообичаено е ако еден од најголемите фудбалски клубови на светот Реал Мадрид загуби двапати по ред во „Ел класико“ од најголемиот конкурент Барселона на „Сантиаго Бернабеу“, а потоа е елиминиран во Лигата на шамипионите (ЛШ), повторно дома, прво ќе се постави прашањето за иднината на тренерот на екипата. Но, во моментов, самиот факт што статусот на Сантиаго Солари изгледа сосема неважно, кажува многу за големата криза во сите структури на екипата и неопходноста за промените кои треба да следуваат во „Кралскиот клуб“, пишува „Индепендент“.

Лесно е да се каже дека летово заврши една многу успешна фудбалска ера и тоа би била фер констатација, иако заминувањето на Кристијано Роналдо во Јувентус минатото лето, изгледа дека навистина беше почетокот на крајот за екипата која освои неверојатни четири титули за пет години во најелитното клупско тимско натпреварување, Лигата на шампионите(ЛШ).

Вчерашната елиминација од холандски Ајакс ќе го примора претседателот на клубот Флорентино Перез да ја започне и така планираната реконструкција на екипата многу порано, и со многу посериозен план и пристап. Реал Мадрид следната сезона ќе ја започне со драстично променет состав, сосема сигурно нов тренер, а најавите за промените во составот на „Галактикосите“ започнуваат со силните шпекулации за враќање на Нејмар во Шпанија.

Според „Индепендент“, важно е да се спомене и дека за првпат по повеќе години Перез би можел да има конкуренција за неговото престижно место како претседател на клубот. Последните резултати и релативно слабата активност на трансфер пазарот, притисокот врз него е значително висок. Според познавачите на состојбите во клубот од Мадрид, полека започнува кампањата на поранешниот претседател на клубот Висенте Болуда како главен против-кандидат на Перез на следните избори за претседателското место. Наводно, значајни поранешни играчи на Реал Мадрид ја поддржувааат кандидатурата на Болуда, кој во 2009 година кратко го водеше клубот пред повторното доаѓање на Перез на позицијата.

Иако изборите нема да се одржат до 2021 година, Перез е свесен дека мора да работи на тоа да направи значајна обнова на тимот, а во моментов не постои брза „поправка“. Доминацијата во ЛШ со Роналдо е веќе далечно минато, а токму крајот на оваа ера би можел да предизвика ситуација во која клубот ќе побара алтернативни решенија за насоката во која се движи за првпат по една декада.

На светлата страна, во прилог на Перез оди тоа што голем дел од одлуките што треба да ги направи во следни неколку денови се оние истите од почетокот на сезоната. Се смета дека изборот на Хулиен Лопетеги бил шестиот или седмиот избор за прв човек на екипата по ненадејното заминување на Зинедин Зидан. Набрзо по лошиот старт на оваа сезона, Лопетеги беше заменет со привремениот (и неискусен) тренер во името на Сантиаго Солари. Бордот на директори во Мадрид, според „Индепендент“, наводно веќе долго работи за да го пронајде вистинското тренерско име, а сега е време да се избере вистинското, долгорочно решение.

Перез и соработниците во врвот на раководствената хиреархија долго време го посакуваат Аргентинецот Маурисио Покетино, но неодамна го променија ставот и можно е повторно враќање на контроверзниот Португалец, Жозе Мурињо. Главна причина е мометанлната состојба, бидејќи по отказот во Манчестер јунајтед, главната обврска на Мурињо е да се расфрла со досетки во телевизиски емисии, додека претседателот на Тотенхем каде Покетино покажа врвни квалитети, Даниел Леви, ќе направи сè во својата моќ да го задржи одличниот стратег.

Важно е да се спомене дека Реал се соочува и со проблеми со играчкиот кадар. Иднината на Велшанецот Герет Бејл ќе биде во центарот на фудбалското внимание во Шпанија и Британија летово, но изгледа дека „Кралскиот клуб“ многу тешко ќе најде клуб кој би бил заинтересиран да даде онолку милиони евра колку што тие ќе побараат, а воедно и да ја плати високата плата на напаѓачот. Освојувачот на Златната топка, Хрватот Лука Модриќ минатото лето за малку не го напушти клубот од Мадрид, но без разлика дали тој ќе остане или не, Мадриѓани мораат да најдат долгорочна замена во средината на теренот. Хамес Родригез се враќа од позајмицата во Баерн Минхен, а имињата на Нејмар, Кристијан Ериксен и Еден Азар се споменуваат како можности со кои Реал Мадрид би ја започнал својата летна „реконструкција“.

– Иако Реал Мадрид има репутација на клуб кој троши големи пари за да ги добие играчите кои ги посакува, тие немаат потрошено многу пари на еден играч уште од трансферот на Хамес Родригез пред 5 години. Тие остануваат еден од најголемите клубови на светот, но условите на трансфер пазарот се драстично променети од времето кога „Кралскиот клуб“ беше купец кој можеше да потроши најмногу милиони од сите. Кога цените на играчите се драстично се зголемија, Мадриѓани и Перез избегнуваа да трошат како во минатото. Во следниот трансфер-период ќе дознаеме дали Реал Мадрид заостанува зад тимовите од Премиер лигата кои трошат најмногу, односно дали ќе се одлучат во стилот на Манчестер сити за големи пари да носат ѕвезди во екипата, или преку продажба на оние нивните ѕвезди и без купување на играчи од типот на Нејмар, преку користење на одличната фудбалска академија ќе се успеат да бидат конкурентни со нивниот најголем ривал Барселона – констатираат од „Индепендент“.

Иако Сантиаго Солари по поразот од Ајакс мораше да се соочи со новинарите и со големиот срам за „Кралскиот клуб“, фудбалската јавност и навивачите во ликот на Флорентино Перез ќе ги гледаат причините за нефиунционалноста на екипата и потребата се брза реконструкција на тимот.

Тимот од Мадрид го очекуваат големи одлуки, а повторно ангажирање на „погрешен“ тренер или купување на играч кој нема да се вклопи во тимот би значело крај за Перез. Човекот кој создаде две генерации кои владееја со Европа многу години, сега поради негативните резулати и неколку лоши проценки може да ја загуби својата позиција засекогаш.