Помалку земји ќе играат во ЛШ

175

До синоќа место во групната фаза обезбедија тимови од 14 земји, а тој број најмногу
би можел да биде 16, што, секако, би било помалку отколку во претходните три сезони, кога играа екипи од по 17 земји, а пред тоа и по 18

Со вчерашните три реванш-натпревари се комплетираа квалификациите за пласман во фудбалската Лига на шампионите, а попладнево од 18 часот со ждрепка ќе бидат одредени осумте групи со по четири тима. До вчера беше познат целосниот состав само од првиот барабан, а другите беа некомплетни.

Според составот на барабаните и според правилата да не може од иста земја да има по два тима во иста група, меѓу најатрактивните би била група во која би биле, на пример, Реал Мадрид (прв барабан), Манчестер јунајтед (втор), Ајакс (трет) и Интер (четврти). Од друга страна, можна е и, на пример, група во која би биле Локомотив Москва (прв барабан), Порто (втор), Монако (трет) и Јанг бојс (четврти) итн.

Во првиот барабан е европскиот првак Реал Мадрид, потоа победникот на Лига Европа, Атлетико Мадрид, како и прваци на шесте најсилни земји според табелата со коефициенти на Европската фудбалска унија (УЕФА) – Барселона (Шпанија), Баерн (Германија), Јувентус (Италија), ПСЖ (Франција), Манчестер сити (Англија) и Локомотив Москва (Русија). Во другите барабани тимовите ќе бидат распоредени според клупскиот рејтинг кај УЕФА.

Според досега пласираните, во ЛШ сигурно ќе играат клубови од 14 земји, и тоа од Шпанија (четири тима), Англија (4), Италија (4), Германија (4), Франција (3), Русија (2), Белгија (1), Холандија (1), Грција (1), Чешка (1), Турција (1), Швајцарија (1), Украина (1) и од Португалија (1).

Од вчера нови земји можеа да бидат Австрија (Салцбург) или Србија (Црвена звезда) и Белорусија (БАТЕ Борисов), па во новата сезона сигурно ќе има 15, а најмногу 16 земји барем со еден тим во елитата во новата сезона. Лани во групната фаза играа екипи од 17 земји (меѓу другите и од Кипар, Шкотска, Азербејџан, Словенија…), а во минатите осум сезони бројот на земји-учеснички во ЛШ варирал од 17 до 18.
Сезонава беше сменет квалификацискиот систем, според кој директно место во групната фаза добија четири тима повеќе, 26 (до лани 22), а низ квалификациите место обезбедија шест екипи (пред синоќешните реванш-мечеви Јан бојс и АЕК од патот на шампионите и Ајакс од нешампионската патека, а синоќа беа одредени уште три тима – Салцбург или Ц. Звезда, Бенфика или ПАОК и БАТЕ Борисов или ПСВ Ајндховен).

Од основањето на Лигата на шампионите, во 1993 година, во групната фаза настапиле 137 клуба од 33 земји. Од тимовите дебитанти пласирани до вчера во Лигата на шампионите се германски Хофенхајм и швајцарски Јанг бојс, а на оваа листа може да се приклучат Црвена звезда и ПАОК, во зависност од синоќешните резултати.
Двојна програма сезонава ќе можат да следат жителите на Мадрид (во групната фаза ќе играат Реал и Атлетико), Манчестер (Сити и Јунајтед) и на Москва (Локомотив и ЦСКА).

Македонија сезонава нема да има свој претставник во ЛШ, откако во плејофот од квалификациите беа елиминирани хрватскиот првак Динамо Загреб на Аријан Адеми и унгарскиот шампион Види на Бобан Николов. Тие ќе настапат во групната фаза на Лига Европа, чија ждрепка треба да се влече утре. 


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
БАРАБАН 1: Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона, Баерн, Манчестер сити, Јувентус, ПСЖ, Локомотив Москва
БАРАБАН 2: Борусија Д., Порто, Манчестер јунајтед, Шахтер, Наполи, Тотенхем, Рома, уште еден тим
БАРАБАН 3: Шалке, Лион, Монако, Ајакс, ЦСКА Москва, уште три тима
БАРАБАН 4: Клуб Бриж, Галатасарај, Јанг бојс, Интер, Хофенхајм, АЕК, уште два тима
ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ БИДАТ РАСПРЕДЕЛЕНИ: Ливерпул, Валенсија, Плзен и уште трите победници од синоќешните реванши во плејофот
ждрепката ќе биде влечена од 18 часот