Полуфинале: Севилја – Манчестер Ј., Интер – Шахтар

49

Севилја, која седми пат е полуфиналист во ЛЕ/Куп на УЕФА, е во серија од 19 меча без пораз во сите конкуренции

Познати се полуфиналните двојки во фудбалската Лига Европа (ЛЕ), на мини-турнирот што се одржува во четири града во Германија. Тоа се Севилја – Манчестер јунајтед и Интер – Шахтар, кои натпреварите ќе ги играат в недела и в понеделник, во Келн и во Диселдорф, по што подобрите во овие дуели ќе се сретнат во финалето во Келн на 21 август.
Најтрофејниот тим во оваа конкуренција со пет титули, Севилја, во четврт-финалето го елиминира Вулверхемптон со 1-0 за кого со овој пораз заврши сезоната 2019/2020 што започна на 25 јули 2019 и траеше дури 383 дена, период во кој одигра 59 натпревари од кои 17 во ЛЕ!

Волците, кои како седмопласирани во Премиер-лигата следната година нема да се натпреваруваат во Европа, во 13-та минута не реализираа пенал преку Раул Хименез, кој, пак, во претходните осум обиди од белата точка беше прецизен. Тоа им се врати како казна со примениот гол во 88-та минута што го даде Лукас Окампос, за него 17-ти сезонава.
Севилја, која седми пат е полуфиналист во ЛЕ/Куп на УЕФА, еднаш помалку од Интер, е во серија од 19 меча без пораз во сите конкуренции.
Шахтар, победникот во ЛЕ во 2009 година, го елиминира Базел со убедливи 4-1 и третпат е полуфиналист во ЛЕ. Првакот на Украина е во серија од 11 меча без пораз во сите конкуренции (девет победи и две ремија) и на 10 од 11 меча сезонава во ЛЕ постигнува по три и повеќе голови!


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Севилја – Вулверхемптон 1-0
Шахтар – Базел 4-1
Манчестер Ј. – Копенхаген 1-0
Интер – Баер Л. 2-1
ПОЛУФИНАЛЕ
Недела, 16 август, Келн
Севилја – Манчестер Ј.
Понеделник, 17 август, Диселдорф
Интер – Шахтар
ФИНАЛЕ, 21 август, Келн
Севилја/ Манчестер Ј. – Интер/ Шахтар