Полуфинале на возбудливи екипи и дуел на гиганти со 10 трофеи

126
Голот на Љоренте со колк за пласман на Тотенхем во полуфиналето

Тотенхем на патот кон првото финале го чека четирикратниот европски првак Ајакс, кој е апсолутен „хит“ сезонава во ЛШ. Двата тима се одлично техничко/тактички подготвени, играат сличен фудбал, со висок пресинг, борбено, напаѓачки (на нивните мечеви сезонава во ЛШ беа постигнати 60 гола). Во другото полуфинале се среќаваат Барселона и Ливерпул, кои вкупно заедно имаат 10 европски титули

Тотенхем – Ајакс и Барселона – Ливерпул се полуфиналните двојки во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Реваншот од четврт-финалето помеѓу двата англиски тима, Манчестер сити и Тотенхем, што многумина веќе го нарекоа „класика“, беше еден од највозбудливите во историјата на ЛШ.
Тој меч долго ќе се памети по многу работи (беа постигнати најбрзите пет гола во историјата на ЛШ, за само 21 минута, со две промени на водството), но најмногу по случувањата во последните минути. Во судиското продолжение, во 93. минута, Сити преку Рахим Стерлинг го постигна петтиот гол за конечна победа, по што триесетина секунди настана вистински делириум на теренот, на резервната клупа околу која Пеп Гвардиола скокаше од радост, секако и на преполните трибини. Но сето тоа кратко траеше, по проверката на снимката и со помош од системот видеопомошник-судија (ВАР), главниот арбитар Чунет Чакир утврди дека Серхио Агуеро бил неколку сантиметри во офсајд. Еуфоријата на Сити се претвори во огромно разочарување, односно радувањето помина на спротивната страна, кај гостинскиот тим од Лондон.

Сити втора сезона по ред е елиминиран во четврт-финалето и тоа повторно од англиски тим (лани од Ливерпул). Сити шести пат во последните шест европски нокаут-дуели е елиминиран по поразот во првиот меч на гости. За разлика од Сити, Тотенхем во 18 од 20 случаи кога победил на првиот меч се пласирал во следната фаза.

За Тотенхем, кој е седмиот англиски тим што се пласирал меѓу четирите најдобри екипи во Европа (Манчестер ј., Манчестер с., Ливерпул, Арсенал, Челси и Лидс), тоа ќе биде второ европско полуфинале во клупската историја по она во сезоната 1961/62, кога беше елиминиран од Бенфика (1-3 и 2-1).

Тотенхем на патот кон првото финале го чека четирикратниот европски првак Ајакс, кој е апсолутен „хит“ сезонава во ЛШ, особено по елиминацијата на Јувентус и на Реал Мадрид и феноменалната игра. Хендикеп за Тотенхем ќе биде неиграњето на двајцата клучни напаѓачи, на капитенот Хари Кејн, поради повреда (зглоб) и на Хеунг-мин Сон (жолти картони). Двата тима се одлично техничко/тактички подготвени, играат сличен фудбал, со висок пресинг, борбено, напаѓачки. Двајцата тренери, Маурисио Почетино и Ерик Тен Хаг имаат слична филозофија и оттаму за очекување е тој двомеч да донесе многу квалитетен и возбудлив фудбал.

На мечевите на двата тима сезонава беа постигнати многу голови, на Тотенхем 31 (вкупна гол-разлика сезонава во ЛШ 17-14), а на Ајакс 29 (19-10). Во нокаут-фазата гол-разликата на Тотенхем е 8-4, на Ајакс 8-5, на Ливерпул 9-2, а на Барселона 9-1.
Тотенхем има две победи над Ајакс на двете меѓусебни средби (3-1 и 3-0), во некогашниот Куп на победниците на куповите, во 1981 година.


Суарез и Кутињо се враќаат во Ливерпул

Актуелниот европски вицепрвак Ливерпул, според очекувањата, без поголеми проблеми забележа нова победа над Порто, овојпат на гости со 4-1 и во следната рунда на фудбалската Лига на шампиони ќе игра против големиот фаворит Барселона, предводена од Лионел Меси, но и против двајца свои поранешни играчи, Луис Суарез и Филипе Кутињо.
Но и „црвените“ не се без шанси, го имаат одличното напаѓачко трио, Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино, кое сезонава постигна 61 гол, од кои 49 во Премиер лигата. Во одбраната, исто така, се многу посилни од лани, особено по ангажирањето на голманот Алисон Бекер и на центархалфот Вирџил Ван Дајк, кои чинеа многу пари, но се покажаа како одлична инвестиција.
Барселона, која во четвртфиналната рунда го елиминира Манчестер јунајтед, и Ливерпул има одиграно осум средби, а ефектот е три победи за Барса, две за Ливерпул, со три ремија.


По четири години ново „премиерно“ финале

Според распоредот на дуелите во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите, влечена пред четврт-финалето, можни се интересни финални мечеви. Така, можен е нов дуел на Барселона со Тотенхем, откако двата тима играа во групната фаза (4-2 за Барса на гости, 1-1 дома). Потоа, можно е ново англиско финале, Тотенхем – Ливерпул, по мечот Манчестер јунајтед – Челси во 2008 година. Можен е дуел на Барселона со Ајакс, клуб од каде што еден од најталентираните, Френки де Јонг, од јуни ќе игра за шпанскиот првак. Тој треба да биде 20-от фудбалер што од Ајакс заиграл во Барселона, откако пред него директно заминаа во Барса Јохан Кројф, Јохан Нескенс, Роналд де Бур, Франк де Бур, Јари Литманен, Ричард Вичге, Јаспер Силесен…, а преку други клубови и Златан Ибрахимовиќ, Едгар Давидс, Марк Овермарс, Луис Суарез, итн.
Секако, финалето сезонава нема да биде репризно, бидејќи никогаш во финале меѓусебе не играле тимовите што се сега во полуфиналето. Претходните три финалиња во Лигата на шампионите беа репризи на некои од порано (Реал – Атлетико во 2016-та, претходно и во 2014 година, Реал – Јувентус во 2017-та, претходно и во 1998 г. и Реал – Ливерпул лани, претходно и во 1981 година).
Од полуфиналистите само Барселона беше прва во својата група, а Тотенхем, Ливерпул и Ајакс ги освоија вторите места (зад Барселона, ПСЖ, односно зад Баерн).