Поздравот со шпалир за шампионот на Англија е стар 65 години

99

Најавите се дека Ливерпул ќе биде почестен со почесен шпалир од играчите на Манчестер сити на стадионот „Етихад“ в четврток, што ќе значи продолжување на традицијата на оддавање почит на новиот шампион. Ваквиот начин на поздравување почнал во 1955-та, кога фудбалерите на Манчестер јунајтед им ја честитале првата титула на играчите на Челси

ФУДБАЛ

Пред првиот натпревар во англиската фудбалска Премиер-лига како нов шампион, Ливерпул ќе се сретне со претходниот првак, Манчестер сити, в четврток, на стадионот „Етихад“. Според традицијата и како што најави менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, тој и неговите фудбалери ќе му ја честитаат титулата на Ливерпул со почесен шпалир пред натпреварот, со почитување на пропишаните медицински протоколи, објави британскиот „Скај спорт“.
Станува збор за оддавање почит на некое лице или група луѓе, така што тие што честитаат се редат од две страни и во средина ги пропуштаат славеникот или славениците за да им честитаат за достигнувањето. Во суштина, тоа се смета како знак на почит, со тоа што во Премиер-лигата шампионскиот тим вообичаено ги прима честитките.

Таквото однесување не е задолжително кога еден клуб ќе се сретне со новокрунисаниот шампион и е церемонија што претходно ја договараат двата клуба. Такво нешто не се спомнува во регулативите на Премиер-лигата, а играчите што евентуално не сакаат да учествуваат во тоа не можат да бидат присилени од ниту еден фудбалски орган, пишува „Скај спорт“.
Најавите се дека Ливерпул ќе биде почестен со таков шпалир на „Етихад“ што ќе значи продолжување на традицијата. Бидејќи до крајот на сезоната има уште седум кола, Ливерпул би требало да добие седум такви почесни шпалири, вклучувајќи и од поранешните шампиони, Арсенал и Челси.
Традицијата на такво оддавање почит не е ексклузивитет на модерната ера. Првпат такво нешто се случило во 1955 година кога Манчестер јунајтед му ја честитал првата титула на Челси. Јунајтед ја продолжил традицијата во 1991 година, кога на „Хајбери“ во Лондон на тој начин му ја честитал титулата на Арсенал. Како и да е, Јунајтед има историја на тој начин да ги испочитува противниците. Со такво нешто го почестија Челси за кревањето на трофејот во 2005 година. Челси му возврати на Јунајтед две години подоцна. Евертон, пак, му ја честита титулата на Јунајтед на последниот меч во 2003 година, на „Гудисон парк“.

Една од попознатите случки беше кога Арсенал се согласи да му оддаде почит на Јунајтед за освоената титула во 2013 година. За играчите и за навивачите на „топчиите“ тоа беше болна церемонија, затоа што Робин ван Перси го носеше дресот на Јунајтед, откако претходното лето се пресели на „Олд трафорд“.
Ливерпул му оддаде почести на Челси во 2015 година на „Стемфорд бриџ“, а Лестер и Клаудио Раниери уживаа во успехот во Премиер-лигата една година подоцна, со тоа што Челси формира шпалир за да ги поздрави новите шампиони.
Лани Манчестер сити не доби такви почести, бидејќи неговата трка за титулата со Ливерпул траеше до последното коло, кога со победа на гости во Брајтон ја потврди титулата. Една година претходно, откако Манчестер јунајтед загуби од ВБА, Сити беше шампион, за што доби почести од Свонси на следниот натпревар.


Фергусон и Џерард меѓу ретките поединци

Поединечно Алекс Фергусон доби таква чест со шпалир да биде поздравен од играчите на Манчестер јунајтед и на Свонси, на „Олд трафорд“, во мај 2013 година, пред последниот натпревар како менаџер. Во мај 2015 година, Стивен Џерард, легендата на Ливерпул, на прошталниот натпревар во „црвениот“ дрес на домашен терен, на преполниот „Енфилд“ беше поздравен од своите и од играчите на Кристал палас.