Подготовките за баражот за ЕП почнуваат во Анталија

82
Игор Ангеловски

Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, почнувајќи од Анталија ќе ги следи настапите и формата на стандардните, но и на потенцијални репрезентативци до мечот против Косово на 26 март за пласман на ЕП 2020

Селекторотна македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, деновиве е во работна посета на Анталија, Турција, каде што традиционално многу години во зимскиот период се подготвуваат поголем број македонски прволигаши, меѓу нив Вардар, Академија Пандев, Македонија ЃП, Силекс, Работнички итн.

– Тука тренираат речиси сите македонски екипи, тука ќе одиграат и повеќе контролни натпревари што е добра можност на едно место да видам во каква форма се моментно актуелните, но и потенцијални репрезентативци пред важниот плејоф-меч против Косово кон крајот на март – вели Ангеловски.

До бараж-мечот против Косово на 26 март за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава Ангеловски ќе ги следи настапите и формата на стандардните, но и на потенцијалните репрезентативци во странство, како и на нашиот противник, Косово. Селекторот вели дека во прв план се фудбалерите што играа во квалификациите за ЕП, со некои мали измени.

– Нема потреба што било драстично да се менува. Мислам дека фудбалерите во квалификациските дуели покажаа оти имаат квалитет и ја заслужуваат довербата.

Јас сум во тек со сѐ што се случува со репрезентативците, со нивната форма, повреди и слично. Од стандардните, капитенот Горан Пандев е во одлична форма во Џенова. Илија Несторовски е солиден во Удинезе, Стефан Ристовски повторно е во првиот состав на Спортинг. Што се однесува до повредените, Аријан Адеми од Динамо моментно паузира, но најавите се дека наскоро ќе закрепне. Енис Барди од Леванте, исто така, е повреден, но не се работи за нешто посериозно и би требало за десетина дена да почне да тренира со полн интензитет. Посакувам повредите да ги одминат играчите и во март да бидеме комплетни, тоа е најбитно. Подготовките за овој меч ќе ни бидат како и за сите други противници во минатите години, во Лигата на нациите или во квалификациите за ЕП 2020 – вели Ангеловски. 


Два меча до ЕП 2020

Македонија до плејоф-мечот против Косово дојде со освојувањето на првото место во групата Д, лига Д во Лигата на нациите (ЛН) во конкуренција со Ерменија, Гибралтар и со Лихтенштајн. Првото место за Македонија значеше пласман во поквалитетната лига Ц во ЛН во второто издание, во 2021 година, како и бараж-дуел против Косово, првопласиран во групата Ц, лига Д. Втората бараж-двојка од лигата Д ја сочинуваат Грузија и Белорусија, најдобрите во групата А и Б. Подобриот од овој меч ќе биде домаќин на дуелот против подобриот од мечот Македонија – Косово, на 31 март, на кој ќе се решава за тоа која селекција ќе настапи на ЕП 2020.


ПЛЕЈОФ

26 март, полуфинале
Пат А: Исланд – Романија, Бугарија- Унгарија
Пат Б: БиХ – Северна Ирска, Словачка – Република Ирска
Пат Ц: Шкотска – Израел, Норвешка – Србија
Пат Д: Грузија – Белорусија, Македонија – Косово

финалињата се на 31 март