Повторно ќе се игра фудбал во Македонија

53

По долгиот прекин, викендов со натпреварите од првото коло треба да почне новото фудбалско првенство во Првата лига

По речиси шестмесечна пауза поради пандемијата на ковид-19, прекинот и непродолжувањето на ланското првенство, денеска и утре, со натпреварите од првото коло треба да почне новото фудбалско првенство во Првата лига на Македонија.

Новина сезонава е тоа што во Првата лига ќе настапуваат 12 тима, 10-те од ланското првенство, оти беше решено да нема испаѓање, плус прваците од двете Втори лиги, Пелистер и Беласица. Покрај тоа, натпреварите ќе се играат според утврдените медицински и безбедносни протоколи, со тестови на сите фудбалери и друг клупски персонал најдоцна 72 часа пред почетокот на мечевите. Досега речиси сите направени тестови што ги набави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беа негативни, со ретки, изолирани исклучоци.

На натпреварите што ќе се играат зад затворени врати ќе можат да присуствуваат најмногу до 70 лица, фудбалери на двата тима, стручни штабови и други официјални лица. Најавено е дека гостинските тимови не ќе можат да ги користат соблекувалните кога играат на гости и веднаш по завршувањето на натпреварите ќе мора да се вратат дома. Тимовите ќе имаат право на по пет замени на играчи во текот на натпреварите во утврдени временски периоди како и на полувремето за да не се губи непотребно време.