Победата на Кронки во „битката на милијардерите“ ги вознемири навивачите на Арсенал

249
Стен Кронки

Американскиот милијардер Стен Кронки постигна договор за откуп на уделот на неговиот руски ривал Алишер Усманов во Арсенал, во зделка што го вреднува англискиот фудбалски клуб на 1,98 милијарди евра, пренесува „Ројтерс“. Медиумите ја нарекоа борбата на Кронки и на Усманов за превласт во Арсенал, „битка на милијардерите“.  Богатството на Американецот се проценува на 7,16 милијарди евра, додека Усманов „тежи“ 10,79 милијарди. 

Со постигнувањето на договор се става крај на долгогодишната битка за превласт помеѓу двајцата тајкуни, со што Кронки ќе има можност да ги истисне од Арсенал помалите инвеститори и акционери, кои редовно го критикуваа клупскиот одбор поради тоа што не троши доволно пари за засилувања на тимот, во обидот за повторно освојување на Премиер-лигата по 2004 година. 

Здружението на навивачи на Арсенал, како и еден акционер, јавно ја осудија зделката која според нив ќе му овозможи на Кронки да го води клубот без надзор, како и да ги зголеми долговите. Откупот на акциите делумно ќе биде извршен со заем од 645 милиони евра од „Дојче банк“. Симпатизерите на „топчиите“ наведоа дека се случил „грозен ден за Арсенал“ во соопштението по повод договорот.

Кронки моментно поседува 67 отсто од акциите на Арсенал, а тој е сопсвеник и на кошаркарскиот клуб од НБА-лигата Денвер нагетс, како и на Лос Анџелес рамс во НФЛ-лигата во американски фудбал. Американскиот бизнисмен соопшти ќе го преземе уделот до 30 отсто од Усманов, а потоа ќе продолжи и со откуп на уделот од помалите акционери (по вредност од 32 илјади евра по акција).