Платини: Имаше мало местење на ждрепката на СП во Франција

949

Поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, за француските медиуми изјави дека на Светското првенство во Франција во 1998 година било наместено домаќините и Бразил да играат дури во финалето.

Платини, кој беше еден од првите луѓе во организацијата на овој Мундијал, наведува дека употребиле мала итрина, што според него ја употребуваат сите домаќини на првенството.

– Кога го организиравме календарот со натпревари направивме мала итрина. Ако завршевме први во групата, а истото го направи Бразил, тогаш немаше да се сретнеме пред финалето. Работевме напорно шест години, па не сакавме да пропуштиме да го направиме и овој мал маневар. Кога сте домаќин можете да правите такви нешта. Мислите дека тоа не го прават останатите? Франција против Бразил во финалето, тоа беше сон за сите – истакна поранешниот претседател на УЕФА.

На ждрепката за Светското првенство во Русија само домаќинот е однапред сместен на позицијата А1. Но, на Мундијалот во 1998 година беше поинаку и Бразил се наоѓаше во групата А, а Франција во групата Ц и бидејќи двата тима завршија на првите места во групата, тие не се сретнаа до финалето.

Во финалето домаќините го совладаа Бразил со 3:0, а Франција го освои единствениот трофеј на Светските првенства.

Потоа Платини беше претседател на УЕФА во периодот од 2007 до 2015 година, кога беше суспендиран по корупцискиот скандал во ФИФА. Тогаш беше утврдено дека Платини постапил неетички со тоа што примил два милиони швајцарски франци од претседателот на ФИФА, Сеп Батлер, за ангажмани кои завршиле пред десет години.