Пепе во Арсенал за рекорден клупски трансфер, на пет рати

161

Трансферот ќе изнесува 78,6 милиони евра, првата рата е 21,8 милион евра, а преостанатите пари Арсенал треба да му ги исплати на Лил во следните пет години. Тоа е третиот најскап трансфер во Премиер-лигата (поскапи беа само Погба и Ван Дајк)

Премиерлигашот Арсенал има рок од пет години да го исплати рекордниот клупски трансфер од 72 милиони фунти (78,6 милиони евра) за напаѓачот на Лил, Николас Пепе (24) од Брегот на Слоновата Коска. Првата рата ќе изнесува 21,8 милион евра, преостанатите 56,8 милиони треба да бидат исплатени во следните пет години. Официјализирањето на трансферот се очекува најдоцна до крајот на неделава. Ова се смета за одлична зделка на челниците на „топчиите“, со оглед на тоа дека за Пепе беа заинтересирани ПСЖ, Манчестер јунајтед и Наполи.

Арсенал има ограничен трансфер-буџет летово (околу 50 милиони евра), но, сепак, најде начин (со купување на рати) да ја реализира најскапата зделка во клупската историја, но и највносната во овој преоден рок (засега), за кој било клуб во Премиер-лигата. Претходниот рекорден трансфер Арсенал го направи во јануари во 2018 година, кога за Пјер-Емерик Обамејанг на Борусија Дортмунд ѝ плати 56 милиони фунти (61,2 милион евра). Потоа на таа рекордерска трансфер-листа на Арсенал следуваат Александре Лаказет – 56,8 милиони евра; Месут Озил – 45,8; Шкодран Мустафи – 38,2; Гранит Џака – 37,2; Алексис Санчез – 35; Вилијам Салиба – 29,5; Лукас Тореира – 29; Бернд Лено – 24 милиони евра итн.

Трансферот на Пепе ќе биде третиот најскап во историјата на Премиер-лигата. Најмногу пари плати Манчестер јунајтед, 97,6 милиони евра, за Пол Погба на Јувентус во 2016-та. На втората позиција е Ливерпул, кој за Вирџил ван Дајк во јануари 2018-та на Саутемптон му плати 82 милиони евра, што е светски рекорд за одбранбен играч.
Пепе лани во француската Лига 1 беше втор стрелец, со 22 гола, плус 11 асистенции, зад најефикасниот со 33 гола, Килијан Мбапе, помогнувајќи му на Лил да заврши на второто место. Тој би требало да биде големо засилување во нападот, покрај Обамејанг и Лаказет, кои во ланската сезона постигнаа вкупно 50 гола во сите конкуренции.
Трошењето на Арсенал не би требало да запре со Пепе, односно се очекува да биде ангажиран и левиот бек на Селтик, Киран Тирни.