Пандев: Со огромна мотивација одиме на победа

290
Македонските репрезентативци посакуваат нова победа во Скопје Фото: Игор Бансколиев

Не се сомневам дека ќе го дадеме последниот атом за да го оствариме тоа што го сакаме, дециден е селекторот на Македонија, Игор Ангеловски

Против Словенија ни треба поддршка на стадион само од оние навивачи што веруваат во оваа наша репрезентација. Не ни требаат негативци, затоа и не е важно дали ќе дојдат 15.000 или 30.000, значајно е да веруваат во нас и да ни дадат безрезервна поддршка. Словенците атакуваат на второто место во групата, но не гледам зошто и ние да не атакуваме на истото тоа, оти тие не се подобри од нас на ниту една позиција. Знаеме што носи за нас победа во овој дуел, а оваа генерација заслужува да игра на големо натпреварување.

Атмосферата во тимот е на највисоко ниво, со нетрпение го чекаме мечот и со огромна мотивација одиме на победа – изјави капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, во пресрет на денешниот дуел со Словенија (20.45 ч.) на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.

Со триумф на овој меч, Македонија бодовно ќе се израмни со Словенија и ќе има предност пред неа во пласманот на табелата при евентуален ист број бодови по 10-то коло. Со три бода од таа средба, пак, Македонија најмалку би била трета во групата Г по седмото коло, секако, ако Австрија дома го победи Израел или на тој меч биде нерешено, а можеби и втора, ако на средбата во Виена слават гостите. Како што е познато, дуелот во Словенија помеѓу овие две селекции заврши нерешено (1-1).

– Подготвено ја чекаме Словенија. Очекувам дуел на две селекции, кои добро се познаваат и кои многу слично ќе дејствуваат на теренот. Но мене повеќе ме интересира како ќе играме ние, а јас ветувам дека ќе изгинеме за победа, ќе се бориме за секоја топка, за секоја педа на теренот… Не се сомневам дека ќе го дадеме последниот атом за да го оствариме тоа што го сакаме – дециден е селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

На ЕП 2020 ќе играат 24 репрезентации, и тоа по две најдобри од секоја од десетте квалификациски групи, како и четирите победници на фајналфор-турнирите во Лигата на нациите идната година.


Надежите подготвени за втор успех

Македонската млада фудбалска репрезентација (до 21 год.), по убедливиот триумф од 7-1 против Фарски Острови во 1-то коло од квалификацискиот циклус за Европското првенство (ЕП) 2021, подготвена е денеска (17 ч.) да ја оствари и втората победа, овој пат во Подгорица, против селекцијата на Црна Гора.
– Подготовките се одвиваа во најдобар ред. Максимално бевме посветени на тренинзите и на исполнувањето на поставените задачите од стручниот штаб. Би било идеално со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе сториме сѐ да го постигнеме тоа. Затоа треба да покажеме карактер во играта и да ги искористиме шансите што ќе ни се укажат. Црна Гора е квалитетна репрезентација, доволно се познаваме, а на гостински терен со ниту една селекција не е лесно да се игра. Цел ни е да победиме и се надевам дека во тоа ќе успееме – оптимист е Јани Атанасов, капитен на репрезентацијата и член на екипата Бурсаспор.
Во вторник, пак, во Скопје, во третиот меч од овие евроквалификациите, црвено-жолтите ќе ѝ бидат домаќини на репрезентацијата на Казахстан. Македонија е во групата шест, заедно со селекциите на Шпанија, Израел, Црна Гора и Фарски Острови. 


ГРУПА Г (денеска)
Македонија – Словенија 20.45 ч
Летонија – Полска 20.45 ч
Австрија – Израел 20.45 ч
ТАБЕЛА
Полска 6 4 1 1 8-2 13
Словенија 6 3 2 1 12-5 11
Австрија 6 3 1 2 13-6 10
Македонија 6 2 2 2 8-8 8
Израел 6 2 2 2 11-11 8
Летонија 6 0 0 6 1-21 0