Палермо по лудата железница до Серија Д

250

Фудбалскиот клуб Палермо на македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски во следната сезона веројатно ќе игра во четвртиот ранг на италијанскот фудбал, односно Серија Д. Причината за оваа одлука е одбивањето на финансиските гаранции за натпреварување во Серија Б од страна на Фудбалската федерација на Италија, информираа италијанските медиуми, а пренесе „Спортклуб“.

Сицилијанците се соочија со големи проблеми поради финансиските малверзации на поранешниот претседател на клубот Маурицио Зампарини. Контроверзниот бизнисмен „переше пари“ директно преку клубот, па го продаде Палермо на компанија која тој ја основаше, за потоа повторно да го откупи тимот за минимална сума.

Екипата од „Ренцо Барбера“ минатата сезона ја заврши на третото место во Серија Б и требаше да игра плејоф за влез во најсилната италијанска лига, но поради претходноспоменатите малверзации беше казнет и исфрлен во Серија Ц.

По вложената жалба, судот ја промени одлуката и му овозможи на тимот од југот на Италија да остане во Серија Б. Сепак, изгледа тоа нема да се случи.

Финансиските гаранции кои „рoзово-црните“ мораа да ги обезбедат за настап во втората лига не ги минаа ревизиите на Фудбалската федерација на Италија, па како последица на сето тоа, на Палермо најверојатно му следи преселба во четвртата лига.

За клубот кој од 2000 година до денес неколку пати настапуваше во европските натпреварување и беше финалист на италијанскиот Куп, доколку навистина замине во Серија Д, ќе се најде во најлошата можна ситуација во своите 119 години на постоење.

Mакедонските репрезентативци Несторовски и Трајковски, од друга страна, најверојатно нема да продолжат во розовиот дрес во Серија Д. Најновите шпекулации го поврзуваат македонскиот голгетер Несторовски со Удинезе, премиерлигашот Вотфорд и белградска Црвена звезда, додека крилниот напаѓач Трајковски би можел да се пресели во редовите на Салернитана, по инсистирање новиот тренер на екипата Џанпиеро Вентура.