Отфрлениот талент од Премиер-лигата стана ѕвезда во европскиот поход на Баерн

387

Серж Гнабри (24) денес можеше да биде ѕвезда на англиската Премиер-лига, но неговиот фудбалски пат исполнет со свиоци го одведе до Баерн каде што блеска во походот на германскиот великан кон трофејот во Лигата на шампионите (ЛШ). Токму тој ги постигна првите два гола на Баварците во победата над Лион од 3-0 во вечерашното полуфинале одиграно во Лисабон, потсетувајќи ги навивачите на Арсенал каков талент испушти нивниот омилен клуб. Извонредниот крилен напаѓач го отвори резултатот во 18-та минута по соло пробив и неодбранлив удар, за потоа најдобро да се снајде по мешаница во противничкиот шеснаесетник во 33-та минута, а Роберт Левандовски го постави конечниот резултат во Премиер-лигата.

Се испостави дека пресудно за кариерата на Гнабри беше заминувањето од Арсенал, каде што не доби вистинска прилика и преселбата во Вердер во август 2016 година, во трансферот вреден пет милиони евра. Оттаму почна неговиот подем.

Сега стандардниот член на Баерн и на германската фудбалска репрезентација стигна во Арсенал од германски Штутгарт како 16-годишник во 2011 година, но не успеа да се наметне во лондонскиот клуб за кој во четири сезони настапи на вкупно 18 средби, забележувајќи еден гол и една асистенција. Гнабри го помина првиот дел од сезоната 2015-2016 на позајмица во ВБА, каде што одигра три средби. Тогашниот менаџер на ВБА, Тони Пјулис, во октомври 2015 година кажа дека „Гнабри не е на потребното ниво за да игра за ВБА“.

Серж Гнабри и Арсен Венгер на тренинг на Арсенал

Германецот по шест месеци во ВБА се врати во Арсенал, за кој настапи на само уште еден меч пред да биде продаден во Вердер, каде што го покажа својот неоспорен талент (11 гола и две асистенции на 27 натпревари). Тој набргу го привлече вниманието на Баерн кој го купи за осум милиони евра во јуни 2017 година и веднаш го проследи на позајмица во Хофенхајм, каде што помина една успешна сезона (10 погодоци на 22 настапи).

Гнабри потоа во јуни 2018 го облече дресот на Баерн, каде што стана ѕвезда. Тој сезонава забележа 23 гола и 14 асистенции на 45 средби во сите конкуренции, со што пружа особено импресивни партии во ЛШ каде што се запиша во листата на стрелците девет пати, а има и едно додавање кое резултираше со погодок. Неговата моментна вредност е проценета на 72 милиони евра.

Многумина љубители на фудбалот сметаат дека неговото заминување од Арсенал е најголема грешка во кариерата на искусниот француски стратег Арсен Венгер. Згора, популарниот „професор“ е познат по пронаоѓањето на млади талентирани фудбалери, со што испуштањето на Гнабри веројатно до денес ги прогонува најверните симпатизери на Арсенал, додека вештиот крилен напаѓач незапирливо граби кон трофејот во ЛШ.

„Арсенал мора навистина да жали што му дозволи на Гнабри да замине“, „ако некогаш помислите дека сте направиле лоша одлука, само сетете се дека Арсенал го продаде Гнабри за да му даде поголема минутажа на Алекс Ивоби“, „замислете да сте човекот што го продал Гнабри“, гласат дел од коментарите на љубителите на фудбалот на Твитер.

Но треба да се истакне дека Венгер можеби е неправедно обвинет за заминувањето на Гнабри, бидејќи прославениот тренер се жалеше дека Баерн го „украл“ крилниот напаѓач од Арсенал.

– Понекогаш тој го бара лесниот начин кога станува збор за фудбалот. Тоа беше негов проблем, тоа му недостигаше. Тој е добар фудбалер на кој му е потребно околу себе да има добри играчи, исто како и на сите, но поседува и индивидуална и колективна способност. Имавме догoвор со него да го помине летото со германската репрезентација до 21 година, бидејќи не играше за ВБА. Тој се покажа добро, се подготвувавме за тој да потпише нов договор со нас, но одеднаш посака да оди во Вердер – објасни своевремено Венгер, сугерирајќи дека младиот фудбалер веројатно уште тогаш имал постигната согласност за иден трансфер во Баерн.

Токму Гнабри ќе биде силен адут на Баерн и против ПСЖ во финалето на ЛШ, кое се игра во Лисабон в недела. М.Ж.