Осум репрезентации добија нова шанса за пласман на ЕП 2020

394

На сметка на успехот на Португалија, Холандија, Англија, Швајцарија, Украина, Данска, Шведска и на Финска, шанса низ плејофот на Лигата на нациите да се пласираат на ЕП 2020 добија Исланд, Словачка, Р. Ирска, С. Ирска, Бугарија, Израел, Унгарија и Романија

По завршувањето на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година се познати 16-те репрезентации што ќе играат во плејофот на Лигата на нациите (ЛН) за пласман на ЕП. Од оригиналните 16, одредени по завршувањето на групната фаза на Лигата на нации, а пред почетокот на редовните квалификации, осум се пласираа на ЕП низ квалификациите и со тоа ослободија место во плејофот за осум други селекции.

Така, на сметка на успехот на Португалија, Холандија, Англија, Швајцарија, Украина, Данска, Шведска и на Финска, нова шанса за пласман на ЕП 2020 (откако не влегоа во плејофот низ Лигата на нациите или не обезбедија место на ЕП преку редовните квалификации) добија Исланд, Словачка, Република Ирска, Северна Ирска, Бугарија, Израел, Унгарија и Романија.

Неизменети останаа три двојки, и тоа двете од лига Д, Македонија – Косово и Грузија – Белорусија, како и една од лига Ц, Норвешка – Србија, а местото во плејофот им остана и на БиХ и на Шкотска.

Од лига А сите четири најдобри, Португалија, Холандија, Швајцарија и Англија, се пласираа на ЕП 2020, но и седум други селекции од лига А, па шанса од таа конкуренција доби Исланд. Таа селекција сега ќе ги чека противниците, кои, според комплицираните пропозиции, ќе дојдат од лига Ц и ќе бидат одредени со ждрепка (три од четирите – Бугарија, Израел, Унгарија и Романија).

Во лига Б, БиХ сега за противник ја доби Северна Ирска (по ЛН требаше да игра со Шведска, но таа директно се пласира на ЕП). Другата двојка од оваа лига е Словачка – Република Ирска (оригинално требаше да играат меѓу себе Украина и Данска, но и тие се пласираа на ЕП преку квалификациите).

Во лига Ц, три репрезентации ги задржаа своите места во плејофот, но не и Финска, која преку квалификациите обезбеди виза за настап на континенталното првенство. Така, Шкотска, наместо со Финска, ќе игра со една од селекциите на Бугарија, Израел, Унгарија и на Романија, а другата двојка е, како што беше претходно одредена, според пласманот во лига Ц, Норвешка – Србија.

Се игра еден меч во полуфиналињата, на теренот на првоименуваната селекција, а и финалињата ќе бидат во еден дуел, со тоа што домаќинот ќе биде одреден со ждрепка на 30 ноември. 


ПОЛУФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФОТ
Лига А: Исланд и три селекции од лига Ц
Лига Б: БиХ – С. Ирска, Словачка – Р. Ирска
Лига Ц: Норвешка – Србија, Шкотска чека противник
Лига Д: Грузија – Белорусија, Македонија – Косово
ждрепката ќе одлучи кои три селекции од Бугарија, Израел, Унгарија и Романија ќе играат во плејофот на Лига А, а четвртата ќе се сретне со Шкотска, во лига Ц