Оспоруваниот стратег се докажа продолжувајќи ја трофејната низа на Севилја

204
Лопетеги го бакнува победничкиот медал по финалето во Келн

Шпанскиот тренер Хулен Лопетеги (53) успеа да се докаже по неуспесите и разочарувањата кои го следеа во изминатите неколку години, предводејќи ги фудбалерите на Севилја до трофејот во Лига Европа со победата над Интер од 3-2, во финалето одиграно вечерва во Келн. Лук де Јонг во 12-та и во 33-та и Диего Карлос во 74-та минута ги постигнаа головите за Севилја, додека за Интер погодија Ромелу Лукаку од пенал во 5-та минута и Диего Годин во 36-та минута.

Лукаку одлично го почна мечот постигнувајќи го неговиот седми гол во Лига Европа сезонава, но во второто полувреме пропушти голема шанса при резултат 2-2, за потоа да го одлучи финалето со неспретен обид за спречување на ударот со ножички на Диего Карлос, што лесно можеше да му биде припишан како автогол на белгискиот напаѓач.

Пред две години Лопетеги посрамен ја напушти селекторската позиција на Шпанија непосредно пред почетокот на Светското првенство во Русија. Тој доби отказ на два дена пред првиот меч на „црвената фурија“ на Мундијалот, откако се согласи да стане тренер на Реал Мадрид, со што ги разлути водечките луѓе на шпанската фудбалска федерација. Одлуката да го преземе славниот клуб за кој настапуваше во неговата голманска кариера не му донесе среќа на Лопетеги, бидејќи доби отказ по само 14 натпревари поминати на тренерската клупа на „кралевите“, по што многумина ги оспоруваа неговите квалитети.

Севилја му понуди шанса да се искупи, но таа дојде со одреден ризик, бидејќи со доаѓањето на новиот спортски директор Рамон Вердехо познат како Мончи, се случија и големи промени во играчкиот кадар, при што 17 нови фудбалери пристигнаа, а 28 го напуштија стадионот „Рамон Санчез Писхуан“.

– Секогаш постојат сомнежи додека навистина не го запознаете тренерот. Хулен пријатно ме изненади. Сите ми кажаа дека е многу професионален и тој ме придоби. Многу сум среќен што работам со него – кажа Мончи во интервју за „Марка“.

Лопетеги на 5 јуни 2019 го прифати предизвикот и успеа да создаде тим што оствари низа од 21 натпревар без пораз за да ја заврши сезонава триумфално, со освојувањето на Лига Европа. За Севилја тоа беше шести трофеј во исто толку финалиња во Лига Европа, односно во Купот на УЕФА што му претходеше на сегашното натпреварување (2006, 2007, 2014, 2015, 2016, 2020), што ја прави најуспешна во оваа конкуренција. Лопетеги го дочека крајот на финалниот меч во солзи, што јасно покажува колку му значеше овој успех по претрпените разочарувања во изминатите две години. Ова е и неговиот прв клупски трофеј во тренерската кариера, во која имаше забележливи резултати со помладите шпански национални селекции. М.Ж.

Лопетеги во солзи го дочека крајот на мечот против Интер